Вистини и заблуди за диетите
Во светот постојат безброј програми со исхрана од оние кои ве учат дека ако јадете како Французи или само во одредено време до оние кои тврдат дека можете да ослабнете само за една недела. Освен тоа и секојдневно излегуваат нови диети кои ве збунуваат дополнително, што да изберете и како правилно да изберете. Без разлика што во моментов е светски хит, некои работи мора да ги знаете, затоа што не е така едноставно да се слабее.
Помалку храна, повеќе вежби
Процесот на слабеење се одвива во две фази, иако клучна е рестрикцијата на храна. Не постои диета која е поефикасна од некоја друга, туку станува збор за индивидуални преференци од кои зависи успешноста на диетата. Симнувањето на килограмите трае во просек 3-6 месеци, а 10% од телесната маса е објективно остварлива цел. Ако ви успее за шест месеци, тогаш сте на добар пат, но ако не изгубите тежина во тој период, тогаш треба да ја одржувате моменталната тежина еден период и повторно да се обидете со нова шестомесечна диета. Редовната физичка активност помага во здравствена и психиолошка смисла, но не влијае дирекно на процесот на слабеење. Но, во втората фаза од слабеењето, вежбите се многу важни, бидејќи тогаш треба да го навикнете организмот на одржувањето на новата постигната тежина. Со редовни вежби ќе се воспостави рамнотежа во организмот меѓу внесените и согорените калории на дневно ниво. Вежбите треба да бидат интензивни, во времетраење од 60-90 минути секој ден. Редовното мерење на телесната тежина и водење дневник ќе ви овозможи контрола на внесената храна и физичките активности. Уште една важна работа е редовниот појадок секое утро. Тој помага во контролирање на гладта.
Аеробна активност
Само со физичка активност нема да успеете да ослабнете, освен ако сте професионален спортист, па да согорувате толку калории колку што е потребно за да се активира процесот на слабеење. Луѓето често се во заблуда дека во тек на вежбањето согореле многу повеќе калории, отколку што тоа одговара на реалноста. Најчесто се согорува една калорија на килограм тежина за една минута. Аеробната активност е најдобра бидејќи согорува најмногу калории. Кроскантри скијањето во природа е убедливо најинтезивен облик на оваа активност. Вежбите на отворено секогаш се поинтензивни од вежбите во затворен простор, бидејќи се движите по различни терени. На второ место е трчањето, а на трето планинарење или прошетка на ридест терен. Пливањето и возењето велосипед не се толку ефикасни и не се вбројуваат во активности во кои мускулите го поднесуваат дејството на тежината. За да ослабнете одржувајте умерено темпо на вежбите, бидејќи така најмалку ќе се заморите, а најдолго ќе вежбате. Освен тоа при умереното вежбање подеднакво се согоруваат масното ткиво и јаглените хидрати.
Избегнувајте калорични пијалаци
Маснотиите во храната не се најголемата опасност по здравјето и телесната тежина. Односно главната закана се екстра калориите без разлика на нивното потекло. Само со редовна контрола на внесени калории можете да слабеете. Наместо засладени пијалаци, масни и солени грицки, изберете овошје и вода. Диетите со редуцирано внесување на јаглехидрати помагаат, но таквиот начин на исхрана е неможно да се одржува долго време.
Влијанието на психолошкиот аспект
Поставувањето нереални цели и желбата да се исполни замисленото за кратко време, односно екстремниот пристап во решавањето на проблемот со тежината, никогаш не дава позитивни резултати. На крај незадоволството доведува до откажување и губење на волја да се истрае до крај. Заблуда е дека за корегирање на телесната тежина е потребна само цврста волја. Потребен ви е труд, но и добро направен план. Ако цел ден сте на диета и кога ќе дојдете од работа, прегладнети, се фрлите на фрижидерот и изедете било што ќе најдете во него, тогаш мора да најдете начин како да го спречите тоа. Изедете некоја здрава ужина на крај од работното време и секогаш при рака имајте нешто хранливо, но здраво и нискокалорично. Ова е едноставно, а ретко кој го применува. Успешните диеталци ги контролираат навиките во исхраната и практично ги решаваат проблемите. Тие откриле што ги спречува да ослабнат во претходните обиди со диети и смислиле план како да не ги повторуваат грешките.