Антибиотик давајте само при докажана бактериска инфекција
Секоја драматична промена на временските услови влијае на појавата на одделни сезонски инфекции. Студеното време и зимата се карактеристична сезона кога почнуваат респираторните вирусни и бактериски инфекции, а на удар најмногу се малите деца. Родителите многу често добиваат впечаток дека нивното дете е постојано болно и настинато.
Сите затворени средини носат ризици од ширење на инфекции, а вирусните и бактериски инфекции особено се чести кај децата кои посетуваат градинка или училиште. Најчести се вирусните инфекции, на кои отпаѓаат околу 90% на горните и долните респираторни органи. Нормално е децата во првите шест години од животот да имаат послаб имунитет, но како децата растат тој созрева и бројот на инфекции се намалува.
Симптоми
Бистра секреција од нос, лесна кашлица, умерено покачена температура сугерираат на инфекција, но конечната дијагноза ја поставува педијатар. Покачувањето на телесната температура е веројатно еден од симптомите поради кои се најчестити посетите на педијатриските амбулнати. Инфекциите кај децата се почести кај децата со слаб имунитет, додека кај деца со добар имунитет можна е појава на инфекција 3-4 пати во годината. Ако инфекциите зачестуваат неопходен е комплетен преглед за да се провери целосната здравствената состојба кај детето.
Да или не за антибиотик?
Најчеста грешка која ја прават родителите во првите години од животот е секоја инфекција и температура да се лекува со антибиотик и антипиретик. Драги родители запомнете дека не треба антибиотиците да бидат примарна линија во лекување на инфекциите. Антибиотиците се даваат само тогаш кога сме сигурни дека кај детето се работи за јасна бактериска инфекција. Секоја друга состојба или инфекција, особено ако се работи за вирусна инфекција е голема грешка. Нерационалната употреба и широката примена на антибиотици доведоа до масовна резистенција на голем број бактерии кон антибиотиците.
Како да им помогнеме на децата?
Врз база на клиничката слика и лабораториски тестови дознаваме дали се работи за вирусна или бактериска инфекција. Ако детето има температура повеќе од 6 часа, неопходна е консултација со педијатар и план за лекување. Доколку детето не сака да јаде, не го терајте со сила, но често давајте му да пие течности за да не дехидрира. Контролирајте ја температурата, изнесувајте ги децата на чист воздух, зимскиот одмор поминете го на планина и не ги ги мешајте во големи групи каде има многу луѓе. Ако вашето малечко е болно не го носете во градинка, со тоа се префрла инфекцијата на другите деца.