Знаци кои предупредуваат дека е можно предвремено породување
Од многу, сè уште неразјаснети, причини секоја година се случуваат породувања пред терминот, односно пред навршена 37ма недела од бременоста. Децата родени пред 23та недела, во ретки случаи преживуваат, дури и со најдобрата нега и посебно опремени соби за интензивна нега на новороденчиња. Предвременото породување најчесто се случува кај трудници кои веќе знаеле дека имаат високоризична бременост – трудници кои веќе имале предвремено породување, како и трудници со повеќе плодна бременост (2,3 и повеќе фетуси). За трудницата предвременото породување е сосема неочекуван настан и реално за тоа не може да се биде подготвена. Сепак кај повеќето жени се појавуваат симптоми кои предупредуваат за можноста од предвремено породување:
– истекување плодова вода
– болка во стомакот, грбот или карлицата
– грчеви слични на менструални болки
– притисок во карлицата
– розеникаво обоен исцедок од вагината
– вагинално крварење
– зачестено мокрење
– дијареа
Ако имате некои од овие симптоми, немојте веднаш да паничите дека ќе се продите прдвреме, но ако симптомите се интензивни, обратете се кај својот лекар. Дури 10-30 % од трудниците ги имаат некои или повеќето од овие симптоми, а сепак не е време за предвремено породување. И да се случи породувањето да започне, не треба да значи дека ќе се породите пред време. Зависно од бременоста и состојбата на бебето, лекарот ќе ги преземе сите мерки за да го спречи породувањето. Повеќе од половина трудници кај кои започнало предвремено породување со лекарски надзор, на крајот ги раѓаат бебињата во предвидениот термин.