Секундарниот стерилитет е подеднакво стресен и проблематичен како примарниот
Секундарната неплодност е неможност да се забремени иако двојката веќе има едно или повеќе деца заедно (или со друг партнер). Паровите кои ја доживуваат оваа состојба може да се соочат со низа физички и емоционални фрустрации, и покрај фактот дека во минатото немале проблем со репродукцијата.
Најчестите причини за оваа состојба се проблеми со плодноста кај едниот или двајцата партнери. На пример жената може да развие ендометриоза (една од најчестите причини за секундарна неплодност), неправилна овулација или болест на јајцеводите. Или мажот можеби имал пад на концентрацијата и подвижноста на спермата. Други фактори се – возраста (дури пет години може да направат голема разлика во циклусот на плодност кај жената и бројот на сперматозоидите на мажот), тешко претходно породување, стрес -што може да влијае на овулацијата и производството на сперма.
Паровите кои веќе имале нормална претходна забременување и бременост, честопати веруваат дека имаат „нормална“ плодност, но тоа не е секогаш случај. Поради тоа тие треба веднаш штом почувствуваат дека имаат проблеми со зачнување, да направат целосен преглед.
Секундарната неплодност е емотивно тешка, особено за парови кои претходно лесно и брзо забремениле. Додека оние кои веќе имале проблеми со плодноста, се вознемирени од потребата по втор пат да се помине истиот пат за да се добие принова. Не се ретки ни случаите кога идните родители чувствуваат вина што порано не почнале да се обидуваат за второ дете, а годините им минуваат. Тука се и пријателите и членовите на семејството, кои иако со најдобри намери, не знаејќи, поставуваат прашања за тоа кога парот ќе роди второ бебе или зошто решиле да имаат само едно. Не се ретки ни оние кои безчувстително ќе изјават „Имате среќа што имате едно дете“ или „Само опуштете се. Тоа ќе се случи со тек на време“.
Родителите кои веќе имаат мало дете, можат да се најдат и пред дилемата дали да се почне макотрпен процес на испитувања и лекувања, кога веќе имаат за кого да се грижат.
Да се справите со оваа состојба не е лесно. Паровите кои немаат деца, можеби ќе избегнуваат детски родендени, семејни собирања и други забави на кои главни се децата, со цел да се заштитат себеси од болката која ја носат. Но паровите кои имаат деца, можат да се најдат опкружени со многудетни семејства, мајки кои се бремени или дојат и да бидат на мета на непријатни прашања, а сето тоа да им ја отежне ситуацијата. Како и сите парови кои се обидуваат да имаат дете, без разлика дали е прво или второ, паровите кои се борат со секундарен стерилитет исто така имаат потреба од емпатија, разбирање и поддршка од семејството и блиските пријатели, без многу „солење памет“.
Некои парови со тек на време успеваат да забременат, или пак да го зголемат семејството со посвојување, а некои се решаваат да го прифатат своето семејство такво какво што е.
Во секој случај, секундарната неплодност може да предизвика стрес, тага, фрустрација и болка. Ако вие и вашиот сопружник (или некој што го познавате) се соочувате со оваа состојба, важно е да научите сè што можете преку советувања со стручни лица и валидни медицински извори и да ја најдете поддршката која ви е потребна во тие мигови и ќе ви помогне да донесете соодветни одлуки.