“Се соочив со менопауза на 23 години”
Џеки Таунсенд била како секоја дваесетгодишна девојка – вљубена, исполнета со живот и соништа за иднината….сè додека ракот на дебелото црево и‘ донесол целосно неочекуван пресврт. Имено, освен со болеста, таа морала да се бори и со предвремената менопауза, која кај нејзе започнала на 23 години, како резултат на хемотерапијата.
Како секоја млада жена која се соочува со тешка болест, писателката на новели од Њујорк била исплашена, но не можела да замисли дека лечењето на болеста ќе и‘ донесе поголеми маки. Спротивно на предвидувањата од докторите, хемотерапијата која требала да и‘ го спаси животот, и‘ ги загрозила сексуалноста и плодноста.
Во тие моменти, Џеки најголемата поддршка ја имала од својата 50 годишна мајка, која токму тогаш се борела со менопаузата.
– Мајка ми одгледа три ќерки кои ги научи да бидат горди, независни и самосвесни жени. Во тие мигови кога се соочуваше со менопаузата, нејзин лек беше работата. И јас решив да постапам исто. Да и‘ се посветам на мојата работа – објаснува Џеки.
Но, и покрај поддршката од мајка и‘ и сестрите, ништо не можело да го смени фактот дека нејзиниот љубовен живот ќе биде поинаков, поради раната менопауза.
– На возраст од 23 години, тоа ми беше најголем удар. Не ме загрижуваше толку неплодноста, бев среќна што ја победив болеста и можев да продолжам со својот живот. Проблем беше мојот сексуален живот, моето младо тело старееше и умираше.
Истата година кога дознала дека го победила ракот, Џеки добила информација од својот гинеколог за тоа што ја очекува во перидот на менопауза.
– Бев изгубена. Не можев да поверувам дека тоа ми се случува, додека ја гледав листата од симптоми кои ми ги пиша лекарот, а кои се јавуваат поради прераното стареење на јајниците. Па тоа се симптоми за жена над 50 години, која веќе го поминала најубавиот период од животот, а не за 23 годишна девојка пред која е животот – се сеќава таа.
Иако му ги соопштила на своето тогашно момче непријатните новости веднаш и бил покрај неа додека се борела со болеста, по една година тој си заминал.
– Бев уништена. Не бев сигурна дали за тоа е виновна мојата неплодност или нешто друго. А и сигурно никогаш нема да дознаам.
Како минувало времето, месечните циклуси на Џеки станувале сè поретки и поретки, додека не престанале целосно. Во тоа време кога имала љубовни врски Џеки секогаш била искрена со партнерите за својата состојба. Така било и со човекот кој подоцна и станал сопруг.
– Тоа сум јас. Многу сум искрена и ако сакам некого, не можам да лажам и кријам од него било што.
Во годините кои следеле Џеки успеала да ги поднесе полесно симптомите од менопаузата, благодарение на посебните лекови кои ги земала. Но таа признава дека многу тешко се соочила со неплодноста кога наполнила 35 години и сфатила дека никогаш нема да има деца со сопругот.
– Тогаш си реков, дека морам да ја прифатам реалноста и да видиме кои се нашите избори, па да донесеме одлука.
Иако нејзините сестри и‘ понудиле опција да бидат сурогат мајки, писателката и сопругот решиле дека седумте внуци од нејзините сестри се доволни да им донесат радост и среќа.