Првите 40 денови се најважни за мајката и новороденчето
По доаѓањето на свет на новиот член во семејството, започува периодот познат како „леунство“. Тоа се првите 30-40 дена од животот на бебето, во кои тоа и мајката се најранливи и најчувствителни.
И ако порано за овие денови луѓето од незнаење почнале да создаваат разни суеверија, од тоа да мајката не смее да излегува надвор кога ќе се стемни, да не доаѓаат гости, до тоа да не се вади бебето надвор…бидејќи може нешто лошо да се случи (мајката ќе го загуби млекото, бебето нема да спие…) денес сосема јасно стручните лица кажуваат зошто е потребен тој период на изолација. Имено во овие денови мајката и бебето имаат потреба од посебна заштита од инфекции и надворешни штетни влијанија. Овие денови се од посебно значење за мајката, која поминала (полесно или потешко) низ продувањето, а особено ако е породена со царски рез, по оперативен пат.
– Изолацијата на бебето и неговата заштита од можни инфекции е навистина важно особено во овие први денови после неговото доаѓање на свет. Тоа посебно се однесува кога се работи за предвремно родени новороденчиња, новороденчиња со екстремно мала родилна тежина или интраутерин застој во растот од најразлична етиологија, како и бебиња кои имале потешкотии брзо по породувањето – советуваат докторите.
Најголемата заштита за бебето е неговото изолирање и престој во чиста, светла и проветрена просторија, без поголема посета и собирање на луѓе во тесен затворен простор. Тоа воедно е и заштита на штотуку породената мајка, која во овој период е многу ранлива, чувствителна и нежна во тој ран постнатален период. И бидејќи бебето и мајката се во една нераскинлива врска и заедничка симбиоза, нарушување на нејзиното здравје и кондиција, директно влијае на здравјето на новороденото кое е целосно зависно од мајчината грижа и нега.