Проблеми со дисциплината и како да се справиме со нив
Најчесто поставуваното прашање до сите наставници многупати е “ Како се справувате со децата?”. Особено ако станува збор за припадници на постарата генерација би слушнале и коментари од типот “ Овие деца не се деца“.
„Ние кога бевме на нивна возраст, да видите каква дисциплина имаше во училиштата, никој не смееше да мрдне откако ќе влезе наставникот.”
Во ова излагање, јас би сакала да се обидам да најдам одговор на овие прашања, дали навистина генерациите се изменети или едноставно возрасните подзабораваат како е да си дете, особено тинејџер, и колкава е силата (воедно и наивноста и решеноста) да се промени светот.
Јас, како млад наставник, наидувам на сомнежи од обете страни. На едната страна се родителите, кои секогаш се полни со сомнеж дека нема да успеете во вашата цел и нема да ги дисциплинирате, туку ќе станете еден од “нив”. На другата, пак, се учениците, кои кога ќе ги казните за некоја нивна постапка или однесување знаат да прибегнат кон нивниот најсигурен одбранбен механизам “ Професорке, вие сте заборавиле како е да се биде тинејџер?” Ова е една од оние ситуации со кои многумина се сретнале и која може да ги направи родителите и наставниците несигурни во она што го прават.
Нешто што многупати е повторувано и секогаш дава позитивни резултати е секако дека мора да постои меѓусебна соработка и доверба меѓу наставникот и родителот. Кога позитивното влијание е насочено кон детето од двата од трите најголеми фактори на неговиот развиток, училиштето и семејството, позитивниот исход, порано или подоцна, е неизбежен. Сега, сигурно се запрашавте кој е третиот фактор кој извршува огромно влијание врз формирањето на личноста. Тоа е, секако, друштвото или социјалниот фактор. Тинејџерите, особено ја чувствуваат таа потреба да бидат со свои истомисленици, со некој кој поминува низ истиот процес како и тие и се водени од синдромот на “ стадо ”. Се групираат, се изолираат, и во училиштето тие се мнозинството, а наставникот е сам. Затоа тој треба да ја има и неверојатната улога да се трансформира, никако да глуми, и да се обиде да им се приближи. На тој начин, тој ќе ја стекне нивната доверба и што е најважно почит, неопходни за функционирање. Во овој случај, особено може да се забележи разлика во групната динамика и социјалната атмосфера. На пример, ученици од исто училиште, на иста возраст, различно реагираат на исти постапки или зборови на наставникот.
Би сакала да се надоврзам и на темата од минатиот пат, забавноста на часовите и обидот да им се направи сето тоа поблиско на учениците е секако исклучително важен за појавата на проблеми со дисциплината. Ако нешто им е здодевно, треба да се направи обид да им стане интересно, иако во никој случај не треба нештата да се изоставаат само затоа што не им се интересни. Ставот на наставникот е од круцијално значење овде, затоа тој понекогаш треба да биде и добар актер и мотиватор на нивната работа.
Сето она за кое стана збор досега, се општи принципи и се однесуваат на сферата на помалите проблеми, кои нормално може да преминат во поголеми доколку не им се обрати доволно внимание и не се стави доволно позитивна енергија во нивното решавање.
Но, што се случува кога ќе наидеме на вистински проблем, на вистинско асоцијално однесување, дури понекогаш и агресивно. Сите вообичаени мерки, договори, казни не дејствуваат и се чини дека не го засегаат детето. Тогаш, контактот со родителот е неизбежен иако не секогаш од голема помош. Најчесто изворот на проблемите се наоѓа токму таму, или станува збор за деца од растурени бракови, жртви на психичко или физичко насилство и многу други ситуации. Сепак, неретко, проблемите се и од друга природа, неповрзана со семејството. Во ваквите случаи, многу е важно наставникот да не избрзува со своите заклучоци и да му даде на детето целосна поддршка. Да се обиде да биде светлата страна во неговиот живот. Од ова корист ќе имаат сите инволвирани.
Зошто ги дискутираме проблемите со дисциплината? Затоа што, првенствено улогата на наставникот и неговото значење не се темелат само на неговото знаење, туку и на неговата улога како најголем поддржувач и мотиватор. Родителите, од друга страна, често се затекнати од ваквата ситуација и не знаат да ги идентификуваат постапките и проблемите на нивните деца, ниту пак знаат каде можат да се обратат за помош. Тогаш, најлесното решение е меѓусебното обвинување за тоа кој, родителите или наставниците, не си ги извршува добро своите обврски. Неретко, комуникацијата меѓу двете споменатите страни се темели на недоверба, што си сноси и свои последици кои пак, најчесто паѓаат на плеќите на децата и само допринесуваат до зголемување на нивните проблеми.