Правењето бебе и интимноста
Ако се соочувате со третмани за лечење стерилитет, сигурно сте под голем стрес, кој негативно влијае на многу аспекти во вашиот живот вклучувајќи го и сексуалниот.
Помеѓу медицинските интервенции и сексот по барање во одреден термин, либидото може да ви падне толку, што ќе заборавите на убавите интимни мигови.
Дали сексот во тек на тие третмани може да биде секси?
Неплодноста го зема својот данок од физичкото, емотивното, финансиското и понекогаш духовното од луѓето и нивните врски. Влијае на личните чувства кај луѓето кои се борат со овој проблем, и најчесто тие се со намалена самодоверба. Покрај тоа има и големо влијание во врските со пријателите, роднините, колегите кои немаат таков проблем, а влијае и на интимниот живот со партнерот. Поточно го уништува сексуалниот живот. Овие препораки можат да ви помогнат малку да ја вратите убавината и задоволството на интимните секси мигови.
Џудит Ц. Данилук, лекар, во центарот за плодност во Ванкувер, Канада, вели дека 50 – 60 % двојки пријавуваат значително намалување на сексуалната желба и задоволство во тек на третманите за лечење стерилитет. Колку подолго траат тие третмани толку повеќе опаѓа и нивото на задоволство при сексуални односи.
Дваесет до 30% од мажите пријавиле епизоди со сексуална дисфункција вклучувајќи ги импотенцијата и предвремена ејакулација. Жените пријавувале намалување на сексуалната желба и неможност да постигнат возбуда или оргазам.
Двојките кои сопреле со третманите за лечење стерилитет, изјавиле дека нивните секусални проблеми продолжиле. Сепак, иако чувствувале дека бракот им е поцврст поради постојаната меѓусебна поддршка во борбата со стерилитетот, некои брачни двојки објавиле дека никогаш не закрепнале целосно, односно не се вратиле на она ниво во интимниот живот, кое го имале пред да почнат со третманите за лечење неплодност.
Зошто исчезнува сексуалната желба?
Секс по барање – лекарот најверојатно ќе ви каже кои денови е најдобро да ги планирате за секс, оти можно е тогаш да забремените. Тоа воопшто не е романтично ниту пак интимно. А уште помалку пријатно за двајцата партнери.
Хормони – најверојатно земате прогестерон кој прави да се чувствувате изморено, надуено и нервозно. Не е чудно што либидото од „Да“ оди во насока „ Тргни ми се“.
Апстинеција – можеби лекарот ќе побара одреден период да се воздржувате од секс, поради процедурата која ве очекува.
Направете сексот да биде секси
Сакајте го своето тело – депилирајте се, облечете се секси.
Ако нешто ви пречи, сокријте го – се чувствувате подуено, отечено? Покријте ги деловите од телото за кои сметате дека не се привлечни, со омилената широка блуза и панталони.
Направете атмосфера – забавна и романтична. Отидете на состанок со партнерот, игнорирајте ги сите нешта кои ве нервираат и ви ја намалуваат сексуалната желба. Едноставно опуштете се и уживајте.
Направете си ритуал – кога имате секс, затоа што морате, а не затоа што сакате, употребете фантазија, еротика и други стимулации кои можат да ви помогнат да се опуштите.
Искористете ги неплодните денови. Во деновите кога не можете да правите бебе, не се откажувајте од сексот. Токму тогаш дозволете си да уживате заедно, како некогаш, кога не помислувавте на ништо друго, освен на тоа како ќе уживате во сексот.
Не е се во сексот. Тој може да асоцира на обврска, неуспех…предиграта не секогаш мора да води со секс. Бакнување, прегратки, мазење, масажи…гледање или читање заедно еротска литература може да ви донесе поинакво искуство.
Комуницирајте – не треба да молчите и сè да прифаќате без збор. Споделете ги своите желби, потреби и стравови. Зборувајте еден со друг за вашата врска, неплодноста, сексуалниот живот. На тој начин ќе ја негувате врската и интимниот живот.