Помогнете си за полесно да забремените
Иако зачнувањето за некои двојки е многу лесно, а за некои тешка мисија, од различни причини, постојат неколку совети кои треба да ги следите, за да полесно дојдете до посакуваната цел.
Кога овулирате?
Секоја жена која има редовни менструални циклуси, плодна е помеѓу 24 и 48 часа во текот на еден менструален циклус и тоа за време на овулацијата. Значи во тек на еден менструален циклус имате отприлика само еден до два ден да останете трудни. Ако знаете кога овулирате, тоа е дефинитивно вистинското време со партнерот да поработите на активностите кои можат да ве доведат до зачнување.
Со нормален циклус, секоја жена е плодна 14от ден, по почнувањето на новиот менструален циклус. Секако, овулацијата може да се случи во период од 12- 16 от ден. Ако немате редовни циклуси, многу потешко е да предвидите кога ќе имате овулација. Затоа постојат различни методи со кои можете да дознаете кога имате овулација.
Еден од најпознатите е Билингсовиот метод, со кој се следи секретот од вагината. Имено за време на овулацијата, здрава жена има многу посилен вагинален секрет, отколку во друг период. Уште еден природен метод е мерење базална температура. За време на овулацијата, температурата во вагината расте, па на тој начин се одредуваат плодните и неплодните денови.
„На работа“ – што почесто
Еднаш кога ќе дознаете кога овулирате, време е да се фрлите на работа. Најефикасно е ако се впуштите во сексуални односи три дена пред почетокот на овулацијата или за време на овулацијата. Некои жени забремениле и шест дена по сексуалниот однос. Имено, сперматозоидите можат да живеат подолго отколку што трае овулацијата. Ако не знаете кога имате овулација, сексот секој втор ден може да биде едно од решенијата. Тоа значи дека многу здрава сперма ќе има на располагање секој втор ден и ќе чека на денот кога ќе имате овулација. Можете да имате сексуални односи и почесто, но тоа нема да ви ги зголеми шансите за бременост. Од друга страна, нема ни да ви штети.
И уште еден совет. Немојте да се „штедите“ во неделите пред овулацијата , бидејќи вашиот партнер после долг и „сушен“ период ќе има многу мртва сперма, а од неа нема да забремените.
Легнете кога е време „за акција“
Долго време не се знаело дали на жените лежењето на грб, по сексуалниот однос им ги зголемува шансите за бременост. Истражувањата спроведени во 2009год., во Холандија, покажале дека жените кои лежеле 15 минути по сексулниот однос имале за 50% поголеми шанси да забременат од оние кои веднаш станале. Имено, оние кои лежеле со подигнати нозе го спречиле истекувањето на спермата. Што се однесува до завземањето одредена позиција во моментот кога вашиот партнер ејакулира, за тоа не постојат посебни истражувања, но ништо нема да ве чини ако пробате.
Уживајте во процесот
Ако сакате да забремените што поскоро, можеби ќе чувствувате притисок, стрес, депресија, што секако може да ви одмогне во зачнувањето. Имено, поголеми се шансите да забремените ако не сте под стрес или со други зборови, ако не се трудите посебно. Тоа е така, бидејќи хипоталамусот, кој ги регулира хормоните за овулација не функционира добро кога сте под стрес, што значи дека можете да овулирате подоцна од вообичаеното, или можеби воопшто нема да дојде до овулација. Значи, обидете се што повеќе да уживате во процесот на зачнување. Опуштен и безгрижен секс може да ви ги зголеми шансите да забремените, отколку секс кога вам ви е на памет само како да забремените.
Време е за „супер“ сперма
Спермата има најдобри шанси да оплоди јајце клетка, кога е здрава, јака и многубројна. Еве неколку начини како вашиот партнер да обезбеди најдобар можен квалитет:
– Намалете ја количината на алкохол – дневното консумирање алкохол може да ја намали количината на тестостерон, што влијае на бројот и здравјето на сперматозоиди.
– Престанете со пушење – цигарите ја намалуваат подвижноста на сперматозоидите, исто како и лесните и тешките дроги.
– Здрава исхрана – потребно е да се јаде храна со многу цинк, фолна киселина, калциум, витамини Ц и Д. Здравата храна помага во создавање на здрава, силна сперма во големи количини.
– Избегнувајте врели купки, сауни и слични места, со оглед на фактот дека жештината ја убива спермата. Најдобра подвижност има на температура од 34 – 36 степени, односно степен до два под нормалната телесна температура.
Што побрзо почне вашиот партнер да води грижа за своето здравје, тоа подобро. Резултатите ќе се покажат веќе во рок од три месеци.
Подгответе го своето тело
Најдобри резултати ќе постигнете ако вашето тело е подготвено за бременост. Јавете се кај својот гинеколог или лекар по општа медицина на прелиминарни анализи, за да пред бременоста решите одредени здравствени проблеми, за кои можеби не сте ни свесни.
Намалете го внесувањето на кофеин, најмногу на еден до два филџни на ден. Почнете да земате фолна киселина, барем месец дена пред да почнете да планирате бременост. Со нејзино земање ќе ја намалите можноста од појава на одредени вродени мани.