Пет начини на кои мајките несвесно даваат позитивен пример на нивните деца
Мајките имаат огромна улога во растот и развојот на детето и тоа е непобитен факт против кој никој ништо не може. Тие влијаат врз своите деца на различни начини – некогаш преку самиот начин и стил на воспитување, но често и преку своето лично однесување. Исто така, огромно влијание има и таткото, но како по некое непишано правило, на голем број деца низ светот, токму мајките им се модел кој го следат низ животот. Ова се пет начини на кои мајките позитивно влијаат врз своите деца, а често тоа го прават всушност, сосема несвесно.
1. Негуваат позитивна слика за изгледот на телото
Освен ако не се занимаваат токму со тоа, мајките често можат да искоментираат дека некоја девојка е преслаба или дека претераната набилданост на телото е неприродна и со тоа да им помогнат на своите деца да сфатат дека некои идеали се недостижни и дека изгледаат сосема убаво и без да се разголуваат и кога се хранат здраво и умерено, без да се впуштаат во ригорозни диети. Исто така, влијае и како мајката се доживува себе. Ако постојано е на некоја диета или има комплекс дека има вишок килограми, таквото однесување го прифаќа и детето, иако воопшто не е дебело.
2.Инсистираат на оброци без технологија на масата
Семејниот оброк е одлично време за семејството да помине време заедно, а децата да стекнат навики за редовна исхрана. Секогаш кога некој од родителите инсистира на масата да нема мобилен телефон или таблет, од една страна отстранува сè што му го влече вниманието на детето, но од друга страна го учи дека заедничкото време е навистина важно за семејството.
3.Контролираат што ќе се гледа на телевизија
Љубопитноста на децата често може да предизвика по дома да ви свири музика што не ја сакате или да следите ТВ-програми полни со насилство и примери за лошо однесување. Можеби вашето дете неколку дена ќе плаче и ќе се лути, но со построга контрола на медиумските содржини, полесно ќе научи што е квалитетна програма и во иднина самото ќе избере нешто корисно и едукативно, наместо бесмислени видеа и цртани филмови.
4.Не користат мобилен телефон додека возат
Кога мајките ги возат децата, првично не користат мобилен телефон затоа што тоа е забрането и ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Со тоа, им даваат пример на децата дека и тие во иднина кога ќе бидат зад волан, треба да бидат концентрирани на сообраќајната ситуација, без ништо друго да им го одвлекува вниманието.
5.Ги учат децата на влијанието на медиумите
Ретко кој може да одолее на добра реклама, дури и ако се рекламира крајно лош производ. Многу мајки се свесни дека сè што е привлечно и шарено, не значи и дека е добро за нејзините деца. Така, уште од мали нозе, тие учат за медиумскиот маркетинг и за тоа дека треба да избираат производи според квалитет, а не според популарност.