Олеснете му го на детето враќањето во школо
Ниту едно дете нема да се израдува што треба да ги остави зад себе летните радости и безгрижноста, и повторно да им се посвети на училишните обврски. Уште малку дечињата ќе седнат повторно во клупа, а вие можете да им помогнете.
Психолозите Кетрин Гибсон и Хејли Купер издвоија неколку идеи кои можете да ги спроведете при враќањето на детето во школо и да му го олесните почетокот на школската година, како и прилагодувањето на обврските кои го очекуваат со уште една животна промена.
Бидете радосни
Кога родителите се грижат дали сè ќе биде во ред со детето во школо и како ќе ги извршува обврските, детето и самото ќе помисли дека има нешто за кое треба да се грижи. Децата ја чувствуваат негативната енергија на родителите, затоа радувајте се на враќањето во школските клупи и ако имате некои грижи околу тоа, не ги покажувајте.
Бидете позитивни
Не му зборувајте на детето дека ќе ви недостига или дека не знаете што ќе правите без него додека е во школо. Нема потреба да му наметнувате грижа за вас и како вие ќе се чувствувате поради неговото враќање во школо. На секој ученик доволно му е што почнува уште една школска година и не му се потребни грижи околу родителите и нивните чувства.
Таен знак
Ако имате дете кое потешко се одвојува од вас, измислете таен знак, кој ќе биде само ваш и поради тоа посебен. Можете меѓусебно да го користите секој ден на одење и враќање од школо, а ако на детето му недостигате во текот на денот, кажете му дека тој знак ќе го потсети дека брзо ќе бидете заедно.
Другари
Ако детето се дружи со деца од своето одделение, договорете заедничко играње дома пред почетокот на наставата. Кога на првиот ден од школската година ќе се најдат во училница, ќе им биде убаво, бидејќи веќе се виделе и ќе имаат неколку теми за разговор.
Посетете го училиштето
За да го потсетите детето на дневната рутина која го очекува во тек на школската година, пред да почне наставата прошетајте неколку пати до школото и малку задржете се во школското игралиште или паркот. Којзнае, можеби ќе сретнете некои пријатели, па заедно ќе поразговарате за тоа дека наскоро ќе си играат секој ден во школо.
Заедно во набавка на прибор
Боички, фломастери, гума за бришење и друг училишен прибор најдобро е да купувате заедно со детето. Удоволете му така што ќе му купите тетратка со омилениот лики или ќе изберете некое убаво новчаниче за моливи. Тоа ќе го развесели секое дете и ќе го поврзе пријатното чувство со враќањето во школо.
Проценете ја ситуацијата
Ако почувствувате дека детето е многу вознемирено и се плаши од враќањето во школо, а самите не можете да дојдете до сржта на проблемот, пробајте да побарате стручна помош. Понекогаш другите луѓе полесно можат да го видат проблемот, без разлика што сте со своето дете секој ден и се трудите доволно да разговарате, да му давате љубов и внимание.