Нормално развивање на одот
За нормалниот моторички развој кај децата има многу да се зборува, но сега би се задржал на одењето. Нормално е детето да прооди на возраст од 9 до 13 месеци, но се смета за нормално ако прооди и до 18 месеци. Во последно време речиси и да не гледам родители кои ќе влезат во амбуланта, a детето да не им проодило на 9 месеци.
Поентата на текстот е да спречи децата да се учат да одат, односно да се паткаат. Навистина паткањето ние може да го препорачаме само кај оние деца кај кои касни моторичкиот развој па со паткање да се даде импулс таму кај што природата касни (нормално прво да се провери причината за каснење на одот) .
Кога ке го исправите детето прерано на две нозе тоа инстиктивно му доаѓа да прави чекори и со тоа го потикнувате одењето, но при тоа правите две големи грешки:
– прескокнувате фази од нормалниот развој на детето, како на пример лазење и
– го оптоварувате мускуло-скелетниот систем прерано, пред да биде способен да ја издржи тежината на телото поради слабата и неразвиена мускулатура.
Поради ова кај детето може да се развијат несакани деформитети на долните екстремитети.
Затоа ве советувам следното:
– Обезбедете му на вашето дете сигурен простор во кој не може да се повреди (специјално катче со сунѓери и без остри рабови или со некоја оградичка) и ставете го детето внатре природно и нормално да се развива. Тогаш тоа ќе си ги има сите етапи на развој: лазење, исправување со придржување, па цупкање, проодување со држење (детето само ќе се придржува за нешто), пуштање од една точка до друга и потоа станување од средина на соба без да се држи и на крај стабилно контролирано одење.
Да не заборавам да споменам дека многу лошо е кога децата кои нестабилно одат, се држат за едната рака. Многу често знаат да се сопнат и при тоа ние сакајќи да ги заштитиме, инстиктивно силно повлекуваме со раката, што може да доведе до големи повреди на рамениот или лакотниот зглоб, па дури и до скршеница на клучната коска.
Затоа ако веќе морате да го придржувате детето, подобро земете ременчиња – водилки односно градници, колку и смешно да ви изгледаат. Секако дека треба да им дозволите на децата да паѓаат, само така ќе научат дека треба да ги постават рацете пред лицето за да не се повредат. Тоа е многу важно да го научат порано, отколку покасно, кога можат сериозно да се повредат.