Најдобра положба за доење
Без разлика дали вашето бебе го доите или го храните со шишенце, постојат неколку положби кои се најпогодни за овој процес. За некои мајки ова е сосема природно и едноставно, додека за други вистински проблем.
И покрај сите обиди не успеаваат да ја најдат најпогодната положба. Без грижа, само трпеливо и опуштено, брзо ќе го совладате овој значаен процес и ќе уживате заедно.
1. Лулка
Седнете со бебето легнато во вашата прегратка така што со целото тело ќе ве допира на стомакот, главата ќе му биде во лакот на едната рака (лева или десна, зависно на која града го доите), а со дланката ќе го држите по должината на грбот. Со другата рака придржувајте ја градата. Ова е вообичаена позиција за поголеми бебиња кои лесно цицаат. Но постојат и мајки со мали бебиња, штотуку родени, на кои едноставно им одговара оваа позиција. Сепак треба да внимавате бидејќи на овој начин тешко можете да ја контролирате главата на бебето.
2. Вкрстена лулка
Легнете го бебето на една страна, со потпора како на пример медицинска перница за доење и приближете го до себе. Ако го доите на левата града, со десната рака придржувајте го неговото тело, а со дланката држете му ја главата. Со прстите од левата рака придржувајте ја дојката Оваа положба ја обожаваат подеднакво и мајките и бебињата, бидејќи им овозможува голема близина во тек на цицањето.
3. Легнати во кревет
За да доите на левата града, легнете на левата страна, со потпора зад грбот. Легнете го бебето со лицето и телото кон вас. Десната рака ќе ви биде потпора за неговото тело, а дланката за главчето и со нејзе лесно ќе го приближите до градате. Некои мајки се чувствуваат попријатно ако за бебето постават посебна потпора на грбот. Оваа положба е погодна за првите денови од доењето, како и навечер или рано наутро, кога вие само што сте легнале, тоа побарало да цица. Но, препорачливо е пред да ја пробате оваа положба, бебето да го има добро совладано цицањето.
4. „Фудбалска“ прегратка
Држете го бебето кон себе, потпрено со перница. Ако доите на десната града, до десната рака придржувајте го бебето покрај телото, а главата придржувајте му ја со левата рака и насочете го кон градата. Оваа положба е погодна за крупни бебиња, како и за почетници во доењето. Лесно можете да го држите бебето и со тоа се концентрирате на доењето и вие и бебето. Особено е погодна за мајки кои се породиле со царски рез.
Хранење со шишенце
Додека доењето е веќе познато дека е најздравата опција за исхрана на вашето новороденче, некои бебиња мораат да се хранат од шишенце. Но и за тоа постојат правила кои треба да се следат, за целиот процес да биде што полесен и пријатен.
1. Соодветна позиција
– Најдобро е да го наместите бебето на десна страна, со добра потпора за главата и телото.
– Не го хранете бебето од шишенце во легната положба. На тој начин млекото може да истече во неговото уво и да предизвика инфекција.
– Внимавајте постојано да има млеко во цуцлата, за бебето да не голта воздух, додека цица.
2. Бидете претпазливи
– Осигурајте се дека шишенцето, цуцлата и другите потребни работи за хранење се чисти. Стерилизирајте ги во зовриена вода, која не е хлорирана. Во спротивно, ставете ги во машина за миење садови.
– Ставете го во фрижидер остатокот од подготвеното мелко, но најдолго 24 часа.
– За да го загреете млекото, ставете го шишенцето во топла вода и држете го таму додека постигне добра температура (проверете со неколку капки на зглобот од раката).
3. Уште неколку совети
– Изберете го соодветното млеко за бебето. Дали сте подготвени за течно млеко или за млеко во прав, консултирајте се со педијатарот.
– Сменете ги страните, додека го храните бебето од шишенце, исто како да доите. Овој едноставен потег, овозможува визуелна стимулација и развој.
– Бебето не сака да цица? Не можете да го наместите добро? Прашајте за совет стручно лице.