Мирен сон цела ноќ
Имате проблем со заспивањето на вашето малечко и неговото спиење цела ноќ? Проверете дали и вие ги правите најчестите грешки пред спиење и обидете се да ги избегнете.
Прескокнување на рутината пред спиење
Многумина имаат потреба од посебна рутина пред спиење, па и бебињата исто. Тоа ќе му овозможи на бебето да се опушти пред да биде сместено во креветчето, а воедно е одлична можност за создавање специјална врска меѓу вас. Еден час пред да го ставите да спие, почнете со рутината. Затворете ги завесите, намалете го светлото и подгответе го шишенцето со млеко, а ако е поголемо подгответе и приказна за лека ноќ. Топла бања пред спиење некогаш може да биде одличен избор за да го смирите, потоа веднаш однесете го во неговата соба и облекувајте го во полутемница додека во позадина се слуша цедето со омилени приспивни песнички. Земете го бебето во раце или легнете го на кревет и додека се гушкате, хранете го и пејте му или раскажете му прикаска. Кога ќе завршите, ставете го веднаш во креветче иако е поспано, а не е целосно заспано.
Игнорирање на бебешките сигнали за спиење
Бебињата и малите дечиња испраќаат одредени сигнали кога се изморени и имаат потреба од сон. Некои од тие знаци се- чешање на очите, прозевање, забавени активности, кенкање, губење интерес за околината и играњето. Ако ги промашите овие сигнали во времето кога природно е терминот за спиење, неговото тело нема повеќе да лачи смирувачки мелатонин. Наместо тоа ќе почне да се лачи кортизол, хормон кој се поврзува со стресот и тоа ќе го престимулира, па ќе го направи нервозно. Внимавајте на вашето малечко во текот на денот, за да одредите кога природно му е време за спиење и запазете го, особено навечер. Па кога ќе знаете дека наближува времето за спиење, почнете со рутината за заспивање. Ако нешто непредвидливо се случи и малечкото е престимулирано или преморено, па не може да заспие, тргнете го на мирно место, вложете повеќе напор за да го смирите и доведете во стадиум пред заспивање, кога ќе можете да го сместите во креветче.
Создавање навики за заспивање
Кога ќе се разбудите преморени во три после полноќ, ќе направите речиси се‘ за да го заспиете повторно бебето. Тоа вклучува лулање, думкање, шетање низ соба, пеење, чешкање по грбчето и тн. Кога бебето ќе наполни три месеци и повеќе, овие едноставни потези, стануваат навики за заспивање. Секако нема ништо негативно во нив, но тие стануваат проблем бидејќи во умот на детето е поврзуваат со заспивањето и тоа нема шанси да заспие без нив. Тоа значи дека за да го заспиете секој пат кога ќе се разбуди – а тоа може да биде и повеќе пати во текот на ноќта- ќе морате да ги практикувате тие навики. Ако не сакате да се откажете од нив комплетно, во ред е да ги употребувате, но тајната е во тоа да не дозволите бебето да заспие комплетно, туку во полузаспана состојба да го оставите во неговото креветче. Така тоа ќе се научи самото да заспива секогаш кога ќе се разбуди навечер. Најдобро со ваквото тренирање да почнете некаде после 6-8 недели старост.
Прерано сменување од бебешко во големо креветче
Ова е најголема и класична грешка која ја прават родителите. Не го преместувајте бебето се‘ додека не се научи само да се качува и симнува од креветчето. Тоа веќе е опасно за него и мора да биде префрлено во поголем кревет. Инаку дозволете му да спие во бебешкото креветче до две години, возраст на која најмногу мали деца се подготвени да се префрлат во голем кревет. Ако сте подготвени за ваква транзиција, има два пристапа:
– директен – кога го заменувате бебешкото креветче со голем кревет веднаш
– постепен – кога прво ја оставате спуштена страната од креветчето и до него перници за ако случајно падне додека спие, и по неколку ноќи изберете вечер кога ќе биде „големиот настан„ со префрлање во свое големо креветче.
Било кој метод да го изберете објаснете му на детето дека не треба само да се симнува од креветот. За секој случај ставете му на креветчето заштитна оградичка за да не се случи додека спие да се преврти и падне. За да е поинтересно префрлањето во голем кревет заедно со своето дете изберете го креветот. Но никако немојте да прифаќате спиење покрај креветот додека заспие или за да внимавате да не падне. Така можете да си направите проблем и со месеци да останете заглавени во маѓепсан круг.
Бебето спие било каде
Никој не сака да биде роб на бебешкиот распоред за спиење, но едноставна вистина е дека спиењето во количка, седиште во кола или во столче за хранење не им дозволуваат на децата да се наспијат колку што е потребно. За да развиете здрава навика за спиење, бебето треба да биде во позната зона, просторија во која може да заспие и да се наспие добро секој ден. Секако може некогаш да се случи и отстапка, од оправдани причини, но внимавајте поголем дел од времето да останете конзистентни. Сите важни обврски закажувајте ги во термините кога не спие бебето. А ако треба да одите некаде во точно одредено време, најмете бејбиситерка или пак побарајте помош од блиските.
Непочитување на распоредот за спиење
Конзистентноста е многу важна за децата, особено кога станува збор за спиењето. Нив им треба регуларен распоред на спиење и одмор, за да можат да го регулираат дневно-ноќниот циклус на хормони. Само така ќе можат да создадат внатрешен часовник за навремено заспивање и будење. Ако се менува секоја вечер времето за заспивање, бебето ќе се чувствува како постојано да ги менува временските зони и неговиот организам не знае кога е време за спиење. Проблемот со воспоставување распоред за спиење настанува кога родителите се обидуваат да го легнат бебето прерано кога не е уморно или пак предоцна, кога е преморено. Секако дека треба да има простор за флексибилност, оти некои денови ќе спие повеќе, некогаш помалку. Но ако знаете како да ги препознаете знаците за спиење, ќе можете полесно да го приспособите распоредот за спиење. Ако бебето е наспано, ќе биде задоволно и смирено. Во спротивно ќе мора да поработите на тоа дали му е потребно повеќе време за спиење, дали треба порано да си легне и подоцна да стане.
Оставање будно до доцна, за да заспие полесно
Изгледа како доба идеја, особено поради фактот дека тинејџерите легнуваат доцна, па следниот ден одвај се будат? За жал ова не функционира кај малите. Повторно нивниот внатрешен часовник е многу моќен па тие се будни секој ден во исто време, без разлика кога си легнале претходната вечер. Затоа родителите кои ги оставаат малите деца будни до доцна следниот ден имаат преморени деца. Затоа потрудете се да се наспие вашето малечко 10 – 11 часа секоја вечер. А ако се случи да се разбуди прерано ( на пример околу 6 часот наутро) тоа е знак дека сте го легнале доцна. Наместо тоа следната вечер легнете го во кревет половина до еден час порано.
Носење одлуки за спиењето сред ноќ
Да бидеме искрени, тешко е да се носат паметни одлуки во два часот по полноќ. А токму будењата среде ноќ, ги тераат родителите да направат најголеми грешки. Една од нив е ставањето бебе да спие заедно со нив. Друга грешка е оставањето да плаче и потоа да се почне со оние навики кои претходно ги споменавме, само за да прекине со плачењето. Тоа е грешка, бидејќи бебето сфаќа дека ако подолго плаче ќе го добие токму тоа што го сака и вие ќе морате да го повторувате тоа цела ноќ повторно и повторно. Кога ќе дојдете до стадиум да сте свесни дека не знаете што да правите, повикајте го партнерот да ви помогне. Менувајте се во текот на ноќта и така ќе имате шанса да се наспиете и одморени да донесете најдобра одлука за тоа како да постапите следниот пат кога ќе се разбуди бебето.
Мама и тато не се на иста фреквенција
Родителите мораат да бидат обединети кога станува збор за подобрувањето на спиењето кај нивното бебе. Мораат заедно да најдат тактика која ќе ја користат. Во ред е да има мали отстапки – на пример тато сака да прочита повеќе приказни, а мама само една, но за други работи мораат да бидат единствени. Тоа се времето кога ќе се стави да спие и како ќе се заспие. Не е во ред ако едниот родител сака да го лула додека заспие бебето, а другиот одбива. Значи треба да седнете и заедно да направите стратегија која ќе биде прифатлива за двајцата да се придржувате до неа.
Прерано откажување
Никогаш не е доцна да се сменат навиките за заспивање, но родителите мораат да вежбаат трпеливо. Ако сакате брзи резултати, се лажете. Очекувајте две до три недели вежбање на тактики за заспивање, кога конечно ќе можете да видите резултат. Некои родители паѓаат во замка верувајќи дека бебето само ќе си создаде навика за заспивање, а тие треба во меѓувреме само да издржат со лишувањето од сон. Тоа не е воопшто точно. Со добра заложба и напор од ваша страна, бебето ќе почне да спие мирно цела ноќ.