Кој е подобар во мултитаскинг?
За разлика од сите други, шведските научници тврдат дека на мажите полесно им оди мултитаскингот, во споредба со жените. Популарното верување, кое дури беше докажано со неколку истражувања, тоа дека жените се подобри во извршувањето повеќе задачи одеднаш, тие го негираат.
– Нашите резултати покажуваат дека мажите се подобри во жонглирање со повеќе задачи одеднаш од жените – нагласува Тимо Ментилае, професор по психологија на универзитет во Стокхолм.
Тој тврди дека жените имаат способност да извршуваат повеќе работи одеднаш, но дека успешноста им зависи од менструалниот циклус. Според неговите откритија, жените се поспособни да извршуваат повеќе задачи кога не се под зголемено влијание на хормоните.
Во истражувањето учествувале 160 мажи на возраст од 20 – 43 години и повеќето од нив многу успешно извршувале повеќе задачи истовремено. Тоа многу успешно го прават и жените , но само ако не им е високо нивото на женски хормони, појаснува психологот.
Откритијата на шведските научници се во спротивност со откритијата добиени со истражувања на таа тема во последните години. Резултатите од ова ќе бидат објавени во списанието Psychological Science.