Емотивните фази на една трудница
Иако бременоста отсекогаш се сметала за еден прекрасен период во кој сè е убаво, розово и позитивно, сепак постојат и мигови кои ја покажуваат поинаквата слика. Имено не е реткост во овој период трудниците да чувствуваат стравови во врска со бебето, своето здравје, одговорноста која ги oчекува, но и поради проените во животот со партнерот. Освен тоа се појавуваат и некои необични желби, кои за идната мајка се приоритетни. Како минува бременоста, трудницата го менува и расположението – некогаш е еуфорична, а некогаш депресивна, загрижена….
Прво тромесечие
Посебните желби за одреден вид храна знаат да се навистина чудни, така што уште непотврдено од лекар, ако на пример среде зима побарате јагоди или кисели краставички на полноќ, некој може да ви го постави прашањето „дали сте бремена?“. Тоа се промени во вкусот кои ги носи бремеоста. Кај жените кои имат проблеми со мачнини и повраќање, се јавува одбивност кон храната, бидејќи и самата помисла на некој продукт (дури и ако порано била омилена) предизвикува непријатност. Но ова се менува со влегување во второто тромесечие.
Покрај ова, трудницата често има и различно расположение во врска со бременоста. Од една страна се среќна со новиот живот кој расте во нивното тело, а од друга страна е загрижена поради новата организација на животот, финансиската ситуација, односите со партнерот и пријателите и тн. Поради овие емоции жените чувствуваат страв, а често и вина. Но тоа е нормален процес на прилагодување на бременоста.
Второ тромесечие
Ова е најубавиот период во бременоста, кога конечно престануваат мачнините и други тегоби. Жената полека се прилагодува на новата состојба и улогата која ја очекува. Во овој период прв пат ќе ги почувствувате движењата на бебето, што позитивно ќе влијае на вашето расположение. Всушност тогаш станувате свесни дека носите живо суштество во себе, а не имагинарен фетус, кој ви изгледа чудно на фотографиите од ехо прегледите. Вашиот стомак полека се зголемува, но сè уште ја нема достигнато величината која ќе ви ги отежне движењето и ќе ве прави тешка и тромава. Уживајте најмногу во овој период од бременоста, бидејќи ќе ви треба сила за она што ве очекува.
Трето тромесечие
Последните месеци од бременоста на некои жени им носат нова емоционална нестабилност. Можат да се појават замор и раздразливост. Се мешаат неизвесност и грижа за породувањето. Последните денови на чекање за некои жени минуваат мирно, а други добиваат неодолива потреба за “големо“ средување на домот. Но наскоро ќе дојде денот кога сè ќе се реши и потоа ќе уживате во мајчинството.