Џамбалаја
Состојки : 2 пилешки копана, 12 средни шкампи (исчистени и обарени), 1 лажица маслиново масло, 1 лажица путер, 2 големи колбаса, 2 лажици сечкан лук, 1 средна главица кромид, 1 лажица доматно пире,
1 чаша неварен ориз, 450 мл пилешка супа, 1 лист лавор, 1 лажица вустер сос, 1 лажичка лут сос ( по желба), 1 зелена пиперка, ½ целер, сол по вкус.
Микс од зачини: 1 лажичка мелена сува црвена пиперка, ½ лажичка сол, ½ лажичка лук во прав, ¼ лажичка мелен црн пипер, ¼ лажичка кромид во прав, ¼ лажичка црвен пипер, ¼ лажичка суво оригано, ¼ лажичка сува мајчина душичка. Измешајте ги во еден сад.
За супата: 2 лажици путер, 2 лажички сечкан лук, ½ главица сечкан кромид, ½ лажичка сол, пилешки коски (од копаните кои ќе ги користите за џамбалаја), 1 морков, ½ гранче целер, ¼ лажичка мелен црн пипер, 1 лист лавор, 2 чаши вода, 2 лажици шери, сол
Прво пригответе ја супата:
Загрејте еден сад, додајте го путерот и лукот, па пржете на тивко додека стане лукот кафеавкаст. Додајте го сечканиот кромид, зачинете со сол и мешајте на средна температура додека омекне. Додајте ги сечканиот морков, целер, пилешките коски, црн пипер и листот лавор. Промешајте и динстајте на тивко. Додајте го шерито и водата, па оставете да зоврие. Потоа варете на тивко околу 30 минути, со повремено мешање.
Приготвување на џамбалаја:
Исчистете ги пилешките копани од коските исечкајте ги на коцки и зачинете ги со половина од мешавината од зачини која ја приготвивте. Остатокот искористете го за зачинување на ракчињата. Загрејте ги во еден сад путерот и маслиновото масло. Додајте ги сечканите колбаси и пржете ги, па кога ќе бидат готови префрлете ги во еден сад. Испржете го пилешкото исечкано на коцки во истиот сад, па кога ќе биде готово префрлете го во друг сад. Додајте ги ракчињата и повторете ја постапката со пржење. Можете да додадете по потреба уште путер и масло, ако не е доволно. Во тавата пржете го прво лукот, па додајте го сечканиот кромид и пржете го да омекне. Додајте ги пилешкото, колбасите, доматното пире и оризот. Измешајте и пржете околу две минути. Додајте ги останатите состојки (зеленчукот сечкан да биде), освен ракчињата. Оставете да зоврие, па покријте со капак и гответе на средна температура 25 – 30 минути, или додека се свари оризот. Повремено мешајте. Додајте ги зготвените ракчиња, промешајте и исклучете ја температурата. Покријте го садот и оставете да стои десеттина минути. Промешајте уште еднаш пред да го послужите јадењето.