Другата страна на мајчинството
Доаѓањето на свет на нов член во семејството е најпрекрасниот момент кој може да се случи. Со неговото раѓање се раѓате и вие како родители. Улога за која никој не ве подготвил.
Додека сте во првите месеци од бременоста, сите околу вас, пријателите, роднините, колегите, имаат прекрасни зборови за најубавиот период од вашиот живот кој започнува со новиот живот што се раѓа во вас. Колку е прекрасно да се биде мајка! А потоа, ве очекува најблажениот период. Во тие денови и вие сте занесени од убавината која ви се случува и која допрва следува. Убави мигови исполнети со долги прошетки низ парк, нежности дома додека бебето цица, го капете, заспивате – се сликите кои ви се вртат низ главата.
Но, никој нема да ве тргне настрана и да ви каже: „Слушај вистината е ваква и ваква“. Причината за тоа е едноставна, никој не сака да ви ги расипе илузиите и да ви ја скрши на парченца прекрасната пастелно обоена слика на насмеана мајка со заспано новороденче во рацете.
– Околу бременоста и мајчинството секогаш остануваат премолчени вистини кои поискусните мајки не ги раскажуваат. Ретко се среќаваат жени подготвени да ги скршат општествените табуа околу мајчинствоот и да кажат како навистина им поминал тој дел од животот. Некои жени полесно се снаоѓаат во новонастанатите услови, додека еден поглем дел тешко се снаоѓаат со прилагодувањето на новиот живот и одговорностите кои тој ги носи – вели м-р Весна Блажевска, психолог и психотерапевт.
Стравови и очекувања
Многу жени развиваат страв од породувањето и најчесто не сакаат да го споделат, бидејќи не е соодветен за ситуацијата, односно за нешто што е толку благодарно како носењето на свет нов живот. Првичниот шок по породувањето, потребата од помош при станување, облекување, одржување хигиена, придружен со бурата од хормони и новиот член во семејството кој има потреба од грижа и нега, се неколкуте фактори кои влијаат мајката да се чувствува несигурно и потиштено. Со самото раѓање на бебето нејзиниот живот повеќе нема да биде ист.
Иако таа промена е очекувана, не е воопшто лесна и проследена е со стравови и сомнежи дека ќе успее да одговори на секојдневните потреби од новороденчето, домот и семејството во целина.
– Стравот да се остане сама со бебето, лутината кон постарото дете, партнерот или, пак, кон новороденото, кај жената секогаш предизвикува чувство на вина и размислувања кои ја прават да се чувствува како лоша мајка. Соочувањето со голема одговорност кај некои мајки ја разнишува самодовербата и создава сомнеж дека нема да биде способна соодведно да се грижи за своето дете. Долгите неспани ноќи проследени со плач на бебето, стравот да не му се случи нешто лошо, грижата да биде соодветно нахрането, преоблечено, одморено, заштитено, безбедно, изнесено на прошеткам се главните приоритети на мајката – потенцира Блажевска.
Како минуваат деновите, нивото на стрес кај мајката се покачува и поради недостиг на време да се посвети себеси и на сопствените потреби, а тоа може да предизвика фрустрации и силно незадоволство. Во тие мигови најпотребна е стабилна семејна ситуација, партнер полн со поддршка и блиски врски со пријателите. Иако ни ова не е гаранција дека жената лесно ќе се соочи со предизвиците на мајчинството. Често пати мајките меѓусебно се советуваат како да се грижат за децата и тие совети се добредојдени, ако не добијат натпреварувачки или критикувачки карактер, па да направат неискуснатамајка да се почувствува уште полошо.
– Доењето како најубав и најприроден процес не е возможен за сите мајки. Сите знаеме дека нема подобро од мајчиното млеко, но не значи дека треба да се осудува мајката која не дои. Често пати мајките знаат да ја избегнуваат оваа тема, исплашени од обвинувањата кои може да дојдат од пријателките, социјалната средина, педијатрите. Ова може да предизвика емотивен хаос кај жената. А сепак, најважно е новата мајка да постапува онака како што се чувствува.
Време за себе
Во денешно време, од жените се очекува паралено со приватниот живот да имаат успешна кариера, што може да биде причина за појава на внатрешни конфликти во однос на неможноста да се стави во мирување професионалниот живот. Поради ова жените чувствуваат вина и најчесто ги премолчуваат своите непријатни чувства. Наглата промена на слободата на движење и социјални контакти може дополнително да предизвика фрустрации. Во миговите кога жената се соочува со најголемата улога во својот живот полека сфаќа дека мајчинството бара многу одрекувања, дури и од себеси. Излегувањето со друштвотго, одењето во театар, опуштање со добра музика, нова фризура… се потребите кои се луксуз и без кои се може.
Шокирана, ненаспана, исцрпена и „стеснета во ќоше“ , жената може и да помисли: „Кој може да ужива во ова?! Кој ми кажа дека мајчинството е прекрасно?!“
– Бранејќи се од чувствата на вина и од префрлањата кои доаѓаат и од семејството и пријателите, жената премолчува и тивко го поминува почетокот и раниот тек на мајчинството. Иако мајчинството е благослов, не значи дека мајката секогаш треба да биде насмеана, задоволна, вита, дотерана, среќна со насмеано дете во рацете, баш како што наметнуваат медиумите. Нормална и честа појава е мајката да се чувствува осамено и изолирано, убедена дека таа е единствената со вакви емоции –вели Блажевска.
Најдобро во овој чувствителен период е да се поедностави животот. Мајката треба да си ги постави приоритетите, од кои под број еден секако е бебето за кое е одговорна. Потоа таа треба да направи добра анализа на својот живот и да е свесна што сака, што ѝ е најважно и неопходно да се прави во тој пеирод, како и од кои нешта може да се откаже или да ги пролонгира и да ги остави на чекање. Не смее да се занемари потребата на мајката понекогаж да се осами и одмори макар на половина час – нема ништо лошо во тоа еден човек да помине малку време со себеси и да се преиспита на различни теми. А ова не смее да биде сфатено од неа лично или блиската околина декаа „не е добра мајка“. Напротив, ако таа нема време за себе, тоа ќе ја претвори во незадоволна мајка, а со тоа ќе има и незадоволни деца.
Соочување со улогата
– Идеалот за мајка кој се слави во нашето општество не дозволува мајката дури ни самата себеси да си признае како се чувствува понекогаш. Не еприфатливо да скаже дека по самото раѓање на детето не почувствувала безгранична љубов, дека тешко се снаоѓа во улогата на мајка, дека „децата ѝ одат на нерви“ – вели нашата соговорничка и додава дека тие чувства не ја намалуваат мајчината љубов кон децата туку напротив, таа љубов со тек на времето станува сè поголема.
Исто така Блажевска советува за да се поминат што полесно проблемите кои одат рака под рака со мајчинството, жената мора гласно и јасно да зборува за паниката, стравот, изолацијата, вината, осаменоста, исцрпеноста. Само така таа ќе може лесно да се соочи со новите ситуации, постепено ќе прифати дека не мора да планира „бегство на пуст остров“, дека не е отфрлена од светот и осамена во новата улога, тукиу е еден минлив период, неминовен во одговорноста за грижата на едно бебе.
Анита Златкова
ТЕА Кидс јуни 2016