Домат и брокула за плодност
Продуктите богати со антиоксиданси можат да го сочуваат квалитетот на машките плодни клетки. Внесувањето витамин Ц, Е, цинк и фолати помага спермата да биде здрава.
Средовечните и постарите мажи кои со исхраната внесуваат доволно антиоксиданси, јадејќи продукти како брокули и домати, имаат поквалитетна сперма од оние кои не внесуваат доволно антиоксиданси.
Стручните лица од калифорниската национална лабоаторија Лоренс Беркли го правеле истражувањето над 80 мажи, непушачи, на возраст од 22 до 65 години, кои го пополниле прашалникот за својата исхрана и евентуалната употреба на диететски додатоци и дале примерок сперма.
Меѓу оние од 45 и повеќе години, кои внесувале најмногу витамин Ц утврдено е дека имаат за 20% помалку оштетувања на ДНК во сперматозоидите, од оние испитаници кои го внесувале помалку витаминот. Препорачаната дневна доза од Ц витамин е 90 мг.
Слични биле наодите и кога се во прашање витаминот Е, цинкот и фолатите. И овде средовечните и постарите испитаници кои внесувале најмногу од споменатите антиоксиданси имале помали оштетувања на ДНК во спермата. Иако нивното внесување ја надминувало препорачаната доза, сепак било во граници кои се сметаат безбедни.
Препорачаната дневна доза за витамин Е е 15 мг, а безбедниот максимум е 1000 мг. Препорачаната дневна доза за цинк е 11 мг и не повеќе од 40 мг, додека за фолати изнесува 400 мг, но не повеќе од 1000 мг.
Кај младите мажи не е пронајдена врска помеѓу нивото на внесување антиоксиданси и квалитетот на спермата. Калифорниските истражувачи сметаат дека тоа е така бидејќи младиот организам е под помал „оксидативен стрес“ или тој стрес полесно се неутрализира. Сепак нема штета ако и помладите мажи кои имаат проблеми со плодноста ги зголемат внесувањата на антиоксидансите.
Извор на витамини
Храна богата со витамин Ц се цитрусното овошје, зелените и црвените пиперки и домати. Со витамин Е богати се некои видови рстителни масла, јаткастите плодови, особено бадемите и зелениот зеленчук како спанаќ и брокула, додека добри извори на цинк се морските плодови, црвеното месо, мешунките, јаткастите плодови и млечните производи.