Дали е време да ја смените бејбиситерката?
Секоја мајка сака совршена грижа за своето дете, кога бира бејбиситерка, но дали може да забележи кога изборот е погрешен?
Ако немате ставено камера преку која можете да набљудувате што се случува во домот, додека вашето најмило е дома со бејбиситерката, тогаш постојат други знаци кои можат да ви укажат на тоа дали таа добро се грижи за него.
Вашето дете не ја сака бејбиситерката
Дали вашето дете почнува да плаче или станува нервозно кога ќе слушне дека таа доаѓа, или пак кога ќе го изговорите нејзиното име? Треба да размислите уште еднаш за вашиот избор. Некои мајки советуваат дека е добро да се има тест период, во текот на кој можете да утврдите дали вашето дете (деца) се чувствуваат сигурно и пријатно со бејбиситерката. Ако не е така, тогаш не ја ангажирајте. Секако дека не барате таа да ве замени вас, туку само повремена грижа за детето, но тоа треба да биде на взаемна доверба и квалитетна врска меѓу него и личноста на која го оставате.
Детето не е чисто
Без разлика дали забележувате дека рацете му се валкани или целото е валкано на крајот од денот, кога ќе си дојдете дома, тоа е знак за лоша бејбиситерка. Едноставните работи како чистотата и грижата за детето, не се нешто за кое треба и може да се преговара кога станува збор за децата.
Бејбиситерката секогаш доцни
Неколку минути доцнење се прифатливи, но кога бејбиситерката доцни толку, да вие морате да задоцните на работа или некој важен состанок, можеби е време да се збогувате со неа. Не прифаќајте изговори од типот дека се успала само еднаш. Најчесто тоа се личности кои имаат навика да доцнат.
Детето има премногу незгоди
Безбедноста на децата е најважното нешто, затоа кога ќе дојде до ситуација да се повреди, да го најдете дома со преврзана рана или во краен случај, во болница, многу е веројатно дека бејбиситерката не внимавала на него колку што треба. Иако се случуваат незгоди ненамерно, сепак мора да сте сигурни дека вашето дете е безбедно кога го оставате во туѓи раце.
Бејбиситерката ги игнорира вашите барања
Од распоредот на бебето, до начинот на хранење, јадење слатки пред ручек, навиката да се прекршуваат правилата е знак дека вашето дете е под лоша грижа. Секако дека морате да имате доверба кога го оставате детето со друг, но тоа мора да биде со взаемен договор, за да не се нервирате вие или таа.
Кога ги прочитавте овие пет правила, за тоа кои се знаците за лош избор на бејбиситерка, се прашувате, како ќе знаете која да ја изберете? Перфектната бејбиситерка ќе ги прави среќни и насмеани вашите дечиња, ќе се грижи за нивната чистота и здравје, навреме ќе ги носи на различни активности, во прошетка и ќе води грижа за нивната исхрана. На крајот, вашето дете треба да ја сака својата бејбиситерка, исто како што вие морате да имате поставено високи стандарди кога ја бирате и да се чувствувате сигурно кога и‘ ја доверувате грижата за него.