Елиминирајте ги алергените во домот
Постојат многу алергени кои се кријат на разни места во домот и се закана за здравјето на сите кои живеат во него. Но исто така постојат и трикови со кои ќе можете да се ослободите од нив.
Влакна од животни
Ако сте алергични на влакна од животни, а немате миленици, сепак може да ве изненади досадна кивавица. Имено овој алерген многу лесно може да се прошверцува во вашиот дом, едноставно преку облеката од пријателите кои имаат миленици, дури и ако не ги носат со себе.
Совет:
Поминете ги со правосмукалка креветот или тапацираните столици, штом си заминат пријателите. За да го спречите алергенот да се врати, за следното користење на правосмукалката сменете ги кесите.
Перничињата и прекривките – расадници на грињи
Перутањето на кожата во контакт со мебелот поттикнува создавање грињи. Тие се таложат на вакви видови подлоги, бидејќи топлината и влагата од вашето тело им помагаат да се развијат.
Совет:
Еднаш годишно сменете ги старите перници за нови, а навлаките и прекривките почесто перете ги во машина.
Полиците со книги се полни со прашина
Прашината се собира на книгите и другите предмети кои се држат на полиците, вклучувајќи ги и рамките со слики. Книгите исто така можат да станат ризница на нечистотии и мувла, особено во влажни услови.
Совет:
Полиците со книги нека бидат што подалеку од креветот и најдобро е да ги немате во спалната соба. Накитот и другите ситници држете ги во витрини со стакло, за да не собираат прашина. Чистете ги и подовите во спалната барем еднаш неделно.
Завеста во купатилото собира грињи и мувла
Ако ви се случило да имате напад на кивање и гушење кога ќе излезете од под туш, причината веројатно е во грињите и мувлата. На нив им годи влажна средина, па најчесто се собираат на завесите, влажните пешкири и неиспраната влакана облека, која долго стои во корпите.
Совет:
Изберете завеса која се пере и правете го тоа еднаш неделно. По туширање, отворете го прозорот купатилото да се исуши и не дозволувајте влажниот и валкан веш да се собира.
Билките во домот се мамка за мувла
Влажната земја помага во собирање прашина и влага, а ако повремено истурите вода додека ги полевате, досадните алергени ќе се таложат на тепихот и завесите.
Совет:
Откажете се од билките ако ви пречат прашината и влагата. Ако сепак сакате да чувате, нека имаат саксиите чинии и нека бидат подалеку од завесите и тепихот. Поставете каменчиња околу растенијата во саксиите, тоа ќе изгледа декоративно и ќе го спречи ширењето на мувлата.