Научете го детето да не биде себично
Делењето играчки и други предмети, е социјална вештина, а не нешто вродено, што значи се учи со тек на време. Затоа претпоставките дека децата инстиктивно ќе го направат тоа што сметате дека е во ред, воглавно се погрешни. Впрочем, што е во ред, а што не, одредено е со непишаните закони и културата, а детето во почетокот од својот живот мотивирано е само со своите потреби и желби, се наведува во текстот на порталот Insideout.hr. Делењето играчки секако е една од нив.
Пофалба како поттик
Ако сакаме децата да научат да ги делат играчките или храната, мораме да им покажеме со пример. На возраст додека се уште мали, сакаат да ги имитираат родителите, бабите и дедовците, па ќе ве следат и кога ќе станува збор за делење. Секој обид на детето да подели нешто со другите, треба да се пофали, за да го сфати својот потег како позитивно или убаво искуство. Едноставно, на таа возраст децата имаат потреба од добар поттик за да ги делат нештата кои ги сакаат. Не можеме да очекуваме, објаснуваат психолозите, дека на возраст до три, па дури ни на шест или девет години, детето ќе биде способно самото да прави некои нешта, само затоа што тоа е правилно! Тоа е многу долг пат кој вклучува развој на емпатија, свест за другите особини, како и усвојување на моралните правила, за што сепак е потребно време.
Наместо непријатно чувство, извинување или избегнување на игралиштата или во било која ситуација, само затоа што детето не сака да се тргне од лулашката ни по половина час или пак не им ги дава своите играчки на другите деца, треба да се обидете да организирате игра со заеднички играчки. Тоа искуство може да го поттикне детето да ја пушти својата и да земе туѓа играчка која го интересира. Иако на почеток тоа ќе го прави од љубопитство, а не затоа што треба, со тек на време ќе види дека тоа е интересно, совладувајќи ја истовремено вештината за делење.
Коцките полесно се делат
Ако не успее таа метода, добро е да се поразговара со детето и да се дознае што го мачи. Понекогаш децата се чувствуваат исклучено, можеби се мета на потсмев, а можеби се само повлечени и срамежливи. Во тие ситуации, обидувајќи се да ја вратат контролата, тоа го прават контролирајќи ги своите играчки, својот мал свет. Тој образец често се појавува кај децата кои имаат доминантен брат или сестра или кога веќе имаат негативно искуство со делење играчки – тоа го понудило своето мече, но за возврат не го добило топчето, на пример. Во такви ситуации обидете се да поразговарате со детето, но и со родителите на децата со кои се дружи, без осуда и повишен тон, се разбира.
Ако не сака детето по сите ваши обиди и поттикнувања да ги дели своите нешта, не му дозволувајте на заедничка игра да ги носи играчките кои му се посебно омилени и важни и за кои знаете дека нема да сака да ги дели. Ако организирате играње дома, тие играчки можете да ги тргнете на страна. Детето треба да знае што правите и веднаш да му понудите алтернатива – играчките кои сака да ги дели, на пример коцки, наместо омиленото мече или кукла. Кога нешто има многу, полесно е да се дели, не само за децата туку и за возрасните.