Широк повој, да или не?
Оваа тема ги измачува сите новопечени родители, оти најчесто се наидува на различни совети од тоа дека воопшто не е потребен до тоа дека мора да се носи до шест месеци.
Кога ќе се роди бебето колковите не се сосема зрели и тие созреваат во текот на првите шест месеци, поради што кај нас се препорачува во тој период бебето треба да се повива широко При тоа положбата на нозете е во т.н. абдукција, односно широко раздвоени нозе што му овозможува на бебето слободни движења во колковите.
Најчесто за широк повој се смета ставањето една еднократна пелена, 1-2 тетра пелени и една шведска пелена. Нeка не ве изненади ако вашиот педијатар препорача само една еднократна пелена, или пак евентуално врз нејзе да се стави шведска пелена. Одговорот е во тоа дека секој начин на повивање кој го овозможува слободното движење на колковите е широко.
Поинакви странски искуства
Она кое родителите кај нас ги збунува е зошто во европските земји, Америка, Канада и др., класичниот широк повој е непознанiца. Најчест одговор кој го добиваат е дека поднебјето и генетиката ни се такви поради што се појавуваат релативно голем број развојни пореметувања на колковите, односно исчашени колкови, па се препорачува како третман за евентуална дисплазија на колкот. Во светски рамки дисплазијата на колкови е изразена во промили, за жал кај нас и пошироко на Балканов е изразена во проценти. Сепак вистината и причините се други. Имено високата стапка на дисплазија се должи поради тесното повивање на бебињата кое беше многу застапено кај нас.
Под тесно повивање се подразбира бебе кое е обмотано како векна леб, таканаречено фишек повивање, и нозете му се фиксирани т.е исправени нозе. Сè уште во нашите породилишта може да сретнете вака повиени бебиња. При ваквото повивање колковите и да се здрави ќе станат диспластични, а доколку се диспластични може да се исчашат. Сетете се само на мајките од Африка кои бебињата ги носат во „јавачка“ положба, поради што кај нив исчашувањето колкови е реткост.
Втора причина е неможноста сите деца да бидат прегледани од страна на ортопед ехосонографски, поради што клиниката за ортопедски болести пред многу години го вовела широкиот повој како задолжителен, со цел да овозможи од корен да се промени ставот кај народот за тесното повивање.
Навремен ултразвучен преглед
Денес за среќа ехосонографскиот преглед е подостапен за родителите и тие секако треба да се консултираат со својот педијатар и ортопед пред да се решат на своја рака да преземат било што, колку и да звучи наивно. Систематското следење на динамиката на равојот на колковите е важна за рано откривање на пореметувања, нивно лечење и воспоставување на добра функција на зглобовите.
Затоа не треба да се знаемари широкото повивање особено кај бебиња родени со ризик, а лекарот секогаш треба да биде патоказ, бидејќи секое бебе е различно во секој поглед, па и во развојот на колковите. Со ехосонографскиот преглед лекарот јасно ги гледа колковите што овозможува рано откривање на евентуални развојни пореметувања. Самиот преглед не е воопшто непријатен за бебето, тоа само се легнува бочно и со ехосонографска сонда се гледа состојбата на колковите. Во зависност од наодот на лекарот ортопед на прегледот и по ехосонографскиот преглед се одредува до кога ќе се применува- до третиот, шестиот, деветиот или до моментот кога бебето ќе почне да се потпира на своите нозе. Некогаш родителите ќе бидат посоветувани да прават вежбички при преповивањето на бебето. Нив исто така можат да ги практикуваат сите родители без разлика каков е наодот за состојбата на колковите. Првиот преглед на бебето се прави веднаш во болница откако ќе се роди, а потоа на два месеци следува вториот преглед кога се прави ехосонографија и тогаш се воочува дали сè уште колковите не се зрели т.е дали да се продолжи со широко повивање или не.
Д-р Антоније Хаџи Антоновски, специјалист ортопед:
Навремената дијагностика е најдобар третман
Пред 20 и повеќе години широкиот повој беше воведен за да се промени свеста на населението за традиционалното тесно повивање, кога бебињата биле виткани како векна леб, а нозете им биле во скроз исправена положба. Но за разлика од тогаш, денес кај нас постои метода со која ехосонографски со математичка прецизност може да се утврди здравоста на колкот, а доколку колкот е здрав тој нема потреба од никаков третман, ниту пак широк повој. Доколку пак се примети диспластичен колк, третманот е со ортопедски помагала, не со широк повој.
Сепак да не се разбереме погрешно, “широк повој не” важи само за тие деца кои се прегледани од ортопед и тој кажал дека се добри колковите и нема потреба од широк повој. Најбитно за сите родители е да знаат дека бебињата треба да се прегледаат од страна на ортопед веднаш по раѓањето, не да чекаат два месеца. Во модерниот свет каде што не се носи широк повој се прави задолжителен ортопедски преглед најкасно до шест недели возраст.
Постојат повеќе начини на третман на болниот колк, тоа зависи од степенот определен при самиот преглед со ехосонографско мерење, како и возраста на бебето. Доколку сите степени на дисплазија и исчашеност се приметат навремено, сите анатомски структури се меки и со одредени конзервативни неоперативни методи, главата на колкот може да се врати на местото каде што треба да се наоѓа. Но ако се приметат подоцна, тогаш се неизбежни оперативни интервенции кои некогаш мора да бидат повторувани и не го решаваат проблемот во целост, скоро секогаш останува одреден степен на инвалидитет.
Затоа навремената дијагностика е најдобар третман, односно преглед на бебето до 6-тата недела возраст.
A.Златкова – Теа Кидс 2015 год,