Развојот на колковите, најголема грижа за родителите
Развојното пореметување на колкот е најчестата мана на системот за движење во детската возраст. Ова подмолно заболување не се знае зошто точно настанува, но се знае дека дирекно влијае на анатомските промени на сите структури на зглобот од колкот. Најчести степени на пореметување се:
– хипоплазија – полесен облик на неразвиеност на колкот
– дисплазија – тежок облик на неразвиеност
– сублуксација – полуисчашување
– луксација – комплетно исчашување
Според медицинските статистики најчести се благите дисплазии а исчашувањата најретки. Развојна дисплазија на колкот или како што порано е нарекувана вродена дисплазија на колкот е состојба во која е нарушена нормалната анатомија на зглобот на колкот. Кај здравиот колк главата на бутната коска е сместена цврсто во вдлабнатината која се наоѓа во карлицата , додека кај диспластичниот колк главата на бутната коска не е цврсто сместена и лесно може да излезе од неа поради анатомската позиција или слабост на лигаментите кои ја држат. Кај некои деца уште при самото раѓање главата на бутната коска не е сместена во карлицата, а кај други пак тоа се влошува како детето расте и станува поактивно.
Некогаш проблемот се воочува дури кога детето ќе прооди – со карактеристично гегање, иако на раѓањето било сè во ред.
Причина за тоа е изостанувањето на редовните прегледи, како и неправилното повивање со ограничени движења. Ако се забележат комплицирани развојни пореметувања на колкот, зависно од степенот, детето мора да носи павликов апарат или специјално перниче, а во тешки случаи се става и гипсана мобилизација. Павликовиот апарат се обични каиши со кои нозете се фиксираат во целосно раширена положба за да главата од бутната коска легне во чашките. Бебињата немаат проблем да ги носат, а после неколку месеци веќе имаат сосема добри колкови. Во најтешки случаи се препорачува хируршка интервенција. Нетретираната дисплазија на колкот е најчеста причина за појава на стареење на зглобот односно артритис, уште во помлада возраст 30-40 год, дури може и да биде причина тој колк да се замени со вештачки.
Посебно внимание треба да се обрне на децата каде во семејството има историја на развојни пореметувања на колковите, оние од близначка бременост, недоносени, со вродени деформитети на вратот и стопалата, кај кои постоел недостиг на плодова вода во бременоста, првородено женско дете и при случај на карлично породување.
Лекарите се едногласни кога велат дека не треба се подлегнува на било какви произволни нагодувања, модерни трендови или бесмислени обичаи. Најлоша варијанта на неуките родители е да се откажат од широкиот повој, за да не се мачи детето, а пред тоа да не се консултираат ро лекар.