Необичната убавина на тиландсиите
Воздушните растенија , кои се познати и по нивното ботаничко име Tillandsia, се најнеобичните растенија што можете да ги додадете во вашата колекција домашни растенија, а тие со своите кадрави, чудни облици и различни нијанси додаваат необична свежина во дизајнот на секоја соба.
Овие растенија се епифити – што значи дека растат на растение домаќин. Тие ги апсорбираат хранливите материи преку мали структури, слични на бигор, на површината на растенијата.
Воздушните растенија спаѓаат во две основни категории. Едните воздушни растенија живеат во дождовни шуми и генерално имаат темно зелени, кадрави лисја. Ним им треба многу влажност и сакаат силна светлина, но да не се изложени на директна сончева светлина.
Втората група воздушни растенија се пустински. Имаат рамни листови со сребрена нијанса и необична текстура. Овие видови се полесни за одржување, ако прв пат се обидувате да одгледувате воздушно растение.
Во каков простор да ги чувате
За почеток, најважна е светлината. Воздушните растенија имаат потреба од јака, индиректна сончева светлина, така што најдобар избор е прозорец свртен кон исток, запад или југ. Прозорците свртени кон север не обезбедуваат доволно силна светлина, особено во зима.
Воздушните растенија можат одлично да напредуваат во затворени простории, доколку се под соодветни услови. На отворено, можете да ги поставите во зони без мраз – но, не на силно сонце. Тие обично добиваат доволно влага од воздухот или дождот кога се надвор, но повремено може да е потребно да се наводнат, особено ако климата е топла и сува.
Како правилно да ги наводнувате
Како и сите домашни растенија, ако прекумерно ги наводнувате воздушните растенија, тие ќе се распаднат и изгнијат . Затоа обрнете внимание кој тип колку често треба да се наводнува.
Пустинските воздушни растенија, потребно е само неколку пати да се потопат во вода, да се истресат, а потоа да се остават да се исушат неколку часа пред да се вратат во нивниот сад. Ова е доволно да го правите еднаш неделно.
Останатите воздушни растенија треба да се наводнуваат еднаш или двапати неделно, во зависност од тоа колку е сув воздухот. Ставете ги во мијалник или леген да киснат 30 минути, потоа истресете ги и оставете ги да се исушат наопаку за да дозволите вишокот вода целосно да се исцеди пред да ги вратите во нивниот сад.
Во каков сад да ги чувате
Ова е забавниот дел! Најважно е да се запамети дека им е потребна добра циркулација на воздухот. Закачете ги, монтирајте ги на ѕид или користете стаклен глобус за да може да се видат од сите агли. Тие, исто така, изгледаат неверојатно само собрани во стаклена чинија, а неверојатни се и во состав на невестински букети и аранжмани. Сè останато е дел од вашата фантазија!