Целијаклијата е доживотна и не може да помине сама по себе
Целијаклија е хронична автоимуна болест која се карактеризира со нетолеранција на телото на глутен, протеин кој се наоѓа во пченицата, ‘ржта и јачменот. Симптомите на нарушувањето се појавуваат веднаш штом бебето ќе почне да консумира храна што содржи глутен.
Знаењето за целијаклијата и одржување на здравјето кај оваа болест е на многу ниско ниво. Болеста подеднакво ги погодува сите возрасти и двата пола. Различните симптоми на оваа болест може да се кријат долго време.
Ова заболување е едно од најраспространетите метаболички нарушувања од кои кај нас боледува секое десетто бебе. Последица на тоа е типична глутенска ентеропатија која доколку не се лекува предизвикува сериозно оштетување на слузокожата на тенкото црево поради што се намалува ресорпцијата на храната, а со тоа и напредокот на детето.
Како да се препознае болеста?
Целијаклијата најчесто се јавува кај доенчиња, односно кога бебето ќе почне да консумира храна која содржи глутен. Најчести знаци се: повраќање, подуен стомак, дијареа, обилна столица со непријатен мирис, малаксаност, опуштени мускули и замор. Кај постарите деца, симптомите може да бидат уште подпросечна тежина и висина.
Како се дијагностицира?
Единствениот сигурен тест за дијагностицирање на целијаклијата е биопсијата на тенкото црево. При целијаклија слузницата е карактеристично изменета – ресичките на тенкото црево исчезнуваат, а слузницата се истенчува и станува атрофична.
Целијаклијата е доживотна нетолеранција на глутен (во ретки случаи, заздравување се јавува во пубертетот), а за развојот на ова нарушување најчесто се виновни гените од предците. Интересно е што целијаклијата е најчеста кај населението во Скандинавија, додека во азиските земји речиси и да ја нема.
Како се лекува?
Единствениот лек за целијаклија е доживотна диета без глутен. Тоа практично значи дека од исхраната на бебето се исфрлаат сите намирници кои содржат глутен, односно житарките, пченицата, ржта и јачменот. Неодамнешните истражувања покажуваат дека овесот не е штетен за луѓето со целијаклија.
Ако случајно му дадете на детето храна која содржи глутен, може да се случи на подолг временски период, дури и со години да нема знаци дека телото реагира на недозволени производи. Тоа е таканаречена латентна, „тивка“ форма на целијаклија.
Многумина кои немаат забележителни тешкотии не сакаат да држат диета. Често се случува и родителите да мислат дека нивното дете се опоравило. Но, ако реакцијата на организмот отсуствува, тоа не значи дека болното дете може да се храни исто како и здраво дете. Запомнете: целијаклијата е доживотна и не може да помине сама по себе!
Дури и најмала количина од овој протеин ќе има штетен ефект врз детскиот организам. Диетата е неопходна бидејќи нелекуваната целијаклија е придружена со разни болести кои потешко се лекуваат, а после некое време последиците можат да бидат дури и канцерогени заболувања. Ракот на дигестивниот систем и малигниот лимфом се чести заболувања кај пациенти со целијаклија кои не обрнуваат посебно внимание на исхраната без глутен.