Не правете ги овие грешки при подготовка на смуди
Подготовката на смуди е наједноставен начин за одличен почеток на денот – го ставате омиленото овошје во блендер, додавате малку мраз и бадемово млеко и подготовени сте за новите предизвици кои ви ги носи денот. Но, нештата не се баш така едноставни, дури и една најмала грешка може да ве остави без здравите придобивки и убавиот вкус. Освен што не треба строго да се држите до рецептoт и можете да бидете креативни, има уште неколку правила.
Не брзајте!
Смудито е едноставен и брз оброк, но 2-3 минути во блендер не се доволно. За совршено смуди сите состојки мораат добро да се измешаат и во него не смее да има грутчиња.
Освен тоа за да има совршена текстура, треба да му додадете состојка која ќе ја згусне цела мешавина и ќе го направи пијалакот кремаст. Месесто овошје како праска, кајсија, манго и банана, или овошје во бобинки, ќе му ја даде посакуваната текстура на вашиот пијалак, а ако додадете 1-2 лажици семе од чија, ќе го збогатите вашиот пијалак со убава доза омега 3- масни киселини. Исто така важно е да не ја додавате цела течност одеднаш, затоа што така ќе добиете многу “тенок“ пијалак. Наместо тоа прво измешајте половина од течните состојки, додајте зеленчук, овошје, семки, јаткасти плодови, масло и мраз, па проверете дали ви одговара густината и по потреба додајте уште течност.
Поедноставно е подобро
Златното правило е – помалку е повеќе. Веројатно понекогаш сакате да ги додадете сите оние состојки како кељ, авокадо, бобинки и сл., но ограничете го изборот на максимално четири состојки. Во спротивно вкусот може да стане чуден, особено ако додавате зелен зеленчук. Правот од мача, на пример, е одличен додаток кој совршено се дополнува со повеќето овошни продукти и семки. Исто така како што не сакате да јадете недозреано овошје, нема причина истото да го додавате во смудито. Таквите состојки нема добро да се измешаат и на крај вкусот нема да биде добар.
Но, внимавајте, никако не додавајте шеќер, а ако користите млеко изберете некое од растително потекло и незасладено. Бананите, овошје во бобинки и бадемовото млеко природно се слатки и затоа нема потреба од дополнителен шеќер. Ако сепак ви се случи да приготвите преблаго смуди, додајте му малку сок од лимон или лимета за да го воедначите вкусот.