Мамографија на 40 години – дали е доцна?
Следниот месец го прославувате вашиот 40 роденден и сигурно се подготвувате да го прославите овој значаен јубилеј, но дали знаете дека тоа е време кога веќе треба да ја направите првата мамографија? Честите самопрегледи и редовните лекарски прегледи овозможуваат рано откривање на карциномот на дојка и можност за негово комплетно излекување. Стручните лица советуваат дека секоја жена над 30 години би требало да започне редовно да прави ултразвучни ехо прегледи, а над 36-40-годишна возраст еднаш на две години мамографски прегледи на дојка. Оваа возрасна граница се однесува за популација која нема зголемен ризик. За носителите на BRCA1 и BRCA 2 гените, како и за популацијата која во семејството имала заболен со карцином на дојка (2 или повеќе члена од истата лоза во фамилијата со карцином на дојка, овариум или дебело црево) треба да дојдат на прегледи и многу порано. За овие групи на пациенти се креира персонална скрининг карта соодветна на пресметаниот ризик.
Што е мамографија?
Мамографот е машина која произведува т.н. меки зраци. Тоа се X-зраци со неколкукратно пониска радијациона доза во однос на стандардните рендген машини, кои имаат помала пенетрантност, но се исклучително сензитивни и можат да детектираат мали димензии на тумори, кои не можат да се напипаат и немаат никакви симптоми. Значаен процент од карциномите на дојка во својата најрана фаза се прикажуваат исклучиво со микрокалцификати или асиметрија, ентитети кои не се видливи на ултразвук. Мамографијата е објективна метода која во целост ја прикажува дојката и веќе направената снимка може во секој момент да биде анализирана и од повеќе лекари (второ мислење) без загуба на информации. Мамографијата не може да биде заменета со ултразвукот, овие методи во одреден период се надополнуваат една со друга. Истражувањата покажуваат дека кај жените на возраст од 50 години, на мамографија може да се откријат 85% од промените кои предизвикуваат карцином на дојка пред масата да биде доволно голема за да се забележи и тие да ја почувствуваат. Просечната димензија на карциномот во моментот кога жената прв пат ќе го забележи е околу 15 мм, додека со мамографија може да се забележи од 2-3 мм.
Како се одвива снимањето?
Во текот на снимањето се користи дозиран притисок, односно дојката се притиска помеѓу две плочи, со цел да се намалат движечките артефакти и да се добие појасна слика, а дополнително и да се намали радијациската доза. Се советува жените ова снимање да го направат во првата половина од менструалниот циклус (со тоа се избегнува возможна незнаена бременост но и прегледот е попријатен). Дозата на зрачење која се добива при рутинска мамографија е еднаква на дозата што се добива при еден интерконтинентален лет. Дополнително се советува утрото пред планираната мамографија пациентите да не користат стикови и дезодоранси бидејќи некои од нив можат да предизвикаат артефакти (симулираат микрокалцификати кои неискусно око може погрешно да ги интерпретира). Постојат повеќе предуслови за квалитетна мамографија, како што се квалитетна машина (која е редовно контролирана), кадар кој е обучен да ракува со неа и, секако, искусни лекари субспецијализирани во областа на дијагностика на дојките.