Кога бебето одбива да цица
Не грижете се ако вашето бебе почне да одбива да цица, по неколку месеци доење. „Штрајкот“ може да започне во секое време од првата година од животот, а најчесто се случува без предупредување и трае од два до пет дена. Со бојкотирање на цицањето, вашето бебе сака да ви каже дека нешто не е во ред и затоа немојте да мислите дека тоа е каприц, тврдоглавост или спонтано откажување од доењето – ретко се јавува пред 18-месечна возраст.
Откријте ја причината
Најтешко ќе ви биде да ја одредите причината зошто вашето бебе одбива да цица, бидејќи овој проблем може да биде предизвикан од цела низа физиолошки и психолошки фактори. Без разлика дали се работи за инфекција на увото (а болката се интензивира при цицање), настинки, болки во устата поради раст на забите, кандидијаза на усната шуплина)ж, промена на распоредот на хранење или зголемен рефлукс, многу е важно проблемот да се открие навреме и да го отстраните што е можно поскоро. Имајте на ум дека вие може да бидете причината – затоа што сте под стрес или затоа што сте смениле дезодоранс, сапун или шампон, па бебето не може да го препознае вашиот мирис.
Ако сте го турнале или сте го оттргнале вашето бебе додека го доите затоа што ве каснало, знајте дека тоа може негативно да влијае и на подготвеноста на вашето бебе да цица. Одеднаш, дојката која до неодамна беше место за удобност и уживање, н=за бебето станува предмет кој предизвикува страв и непријатност и ќе му треба малку време да му се врати чувството на сигурност.
Премногу или премалку
Експертите наведуваат дека најчеста причина за штрајк на бебето е промената на количината на млеко. Ако се сомневате дека немате доволно млеко за вашето бебе или дека протокот е нарушен, не треба да се грижите. Проблемот можете да го решите со зголемување на бројот на доења или намалете го времето меѓу нив, за да испратите сигнал до вашето тело за зголемување на производството (можете да ја забрзате лактацијата со топли облоги, чај од тилчец (познат уште како грчко семе, пискавица) и витамин Б).Само во ретки случаи, телото не може да лачи доволно млеко за бебето, а тогаш тоа е обично медицинска причина, како што е хипотироидизам.
Од друга страна, премногу млеко не е проблем, бидејќи бебето секогаш ќе цица самостојно онолку колку што му треба. Меѓутоа, ако вашето млеко тече во посилен млаз, тоа може да биде отежнувачка околност – при цицање бебето често се гуши и не може убаво да цица (тоа е решливо со почесто подригнување).
Метод на елиминација
Утврдувањето на причините што довеле до ситуацијата не е лесна задача. Експертите советуваат да го користите методот на елиминација. Започнете со листа на причини кои се најлесни за отстранување, како што се менување дезодоранс, шампон, детергент за перење или кој било друг производ за лична нега, што може да влијае на промените на мирисот на вашето тело. Можеби почнавте да земате некои лекови или јадевте храна што доведе до промена на вкусот на вашето млеко?
Проверете дали грлото на бебето е црвено, дали има траги од кандида на јазикот и дали носот му е затнат. Ако се сомневате дека главниот виновник е храната што ја јадете, обидете се да ја отстраните сомнителната храна од употреба и почекајте до две недели за да видите дали има некакви подобрувања. Сепак, тоа мора да го правите многу внимателно, особено ако исфрлате цела група на храна како пченица или млечни производи. Во такви ситуации задолжително консултирајте се со нутриционист. Ако сте заклучиле дека ништо од горната листа не влијае на бојкотот на бебето, тогаш веројатно има проблем со количината или квалитетот на млекото.
Ако почнете да одмолзувате млеко помеѓу доењата или почесто го ставате бебето на градите, за да го зголемите лачењето на млеко, бидете што посмирени и опуштени.
Кога е вистинското време
Најдобро време за доење е непосредно пред спиење или веднаш по будењето. Ако вашиот проблем е со пресилниот рефлекс на ослободување на млекото, можете да се обидете да ја промените положбата на доењето со легнување на грб и ставете го бебето со стомакот над вас и нежно држете му ја главата додека цица. На тој начин во борбата против гравитацијата вашето млеко помалку ќе се ослободува.