Ендометриозата сериозно ја намалува плодноста
Ендометриозата e состојба во која ткивото на матката расте и ги зафаќа другите делови на телото. Тaа може да ги зафати јајчниците, јајцеводот, надворешниот дел на матката, дебелото црево и други внатрешни регии. Како што доаѓа до хормонални промени за време на менструалните циклуси, ткивото се оштетува и може да предизвика болни атхезии или рани.
Најчесто се манифестира со болки непосредно пред, за време на циклусот и по него. Кај некои жени симптомите се јавуваат за време на сексуалниот однос, но и потоа и за време на придвижување на цревата или при уринирање. Понекогаш се чувствува болка и во пределот на карлицата и долниот дел на грбот. Многу жени кои имаат ендометриоза имаат благи, па дури и незабележителни симптоми кои можат да варираат во зависност од локацијата на израстоците. Доколку болката трае повеќе од два дена, воздржете се од секојдневните активности, а доколку продолжи и по циклусот, обратете се кај вашиот гинеколог за испитување и третман.
Ендометриозата предизвикува проблеми со забременувањето. Причините за ова сѐ уште не се познати. Сепак, медицинскиот третман може да помогне во отстранување на некои од симптомите, а со тоа и лекување на неплодноста.
Причината за растењето на ендометриското ткиво надвор од матката не е позната, но докторите имаат неколку теории за тоа. Наследноста игра голема улога. Друга теорија, пак, е дека ендометријалните клетки кои се содржат во менструалната крв наместо да излезат целосно надвор, се враќаат назад низ јајцеводите до карличната празнина. Овие клетки имаат способност да се лепат на органите и да растат и крвават во одредени периоди. Ова се само две од многуте теории за појавата на ендометриоза.
Ризична група се жените кои:
– Се во триесеттите и четириесеттите
– Никогаш немале деца
– Имаат менструални циклуси подолги од 7 дена
– Имаат циклуси помали од 28 дена
– Менструалните циклуси започнале на 12-годишна возраст
– Имаат мајка или сестра која имала ендометриоза
Третман:
Во зависност од типот и стадиумот на ендометриозата, постојат повеќе видови на третман. Лековите за болка обично помагаат во намалување на болката и грчевите, но тие само ги лекуваат симптомите, не и ендометриозата. Со помош на хируршка интервенција – лапараскопски хирургот може да ги отстрани видливите израстоци и атхезии. Најчесто болката се губи, но симптомите можат да се вратат по одреден период. Затоа, најдобро е по операцијата да се препише хормонска терапија. Во најсериозните случаи на ендометриоза може да се примени лапаратомија или отворена хируршка интервенција на абдомен со цел да се отстранат израстоците, или хистеректомија, што подразбира отстранување на утерусот и во повеќето случаи јајчниците или дел од нив.