Главобоките и мигрените се поврзани со вашиот биоритам
Според анализата објавена во онлајн изданието на Neurology® од Американската академија за неврологија, класичната главоболка и мигрената се силно поврзани со 24 часовниот биоритам на активностите на вашиот организам.
Овој 24часовен биоритам всушност е процес кој се повторува на секои 24 часа и преку излачување на хормони и други активни функции, му „кажува“ на организмот во кој дел од денот за кои активности е подготвен.
Во анализата биле вклучени сите достапни студии за главоболки и мигрени, вклучително и информации кога најчесто се појавуваат главоболките во текот на денот или годината, како и дали гените поврзани со 24 часовниот биоритам, имаат поголемо влијание кај луѓето со овие главоболки.
При истражувањето било откриено дека постои деноноќна шема на напади на главоболка кај 71% од луѓето. Нападите го достигнувале својот врв во доцните ноќни часови сè до раните утрински часови. Во текот на годината, луѓето имале повеќе главоболки во пролет и есен, а воедно било откриено дека кај луѓето кои често страдаат од главоболки, повисоко е нивото на кортизол, додека нивото на мелатонин е пониско, споредено со луѓето кои немаат чести главоболки.
За мигрената при анализата се покажала деноноќна шема на напади кај 50% од луѓето. Додека врвот на нападите во текот на денот бил доста широк, почнувајќи од доцна утро до рано навечер, имало ниска точка во текот на ноќта кога се случувале само неколку напади. Луѓето со мигрена имале пониски нивоа на мелатонин во урината отколку луѓето без мигрена. Покрај тоа, нивото на мелатонин било пониско за време на напад на мигрена.
Според резултатите, научниците велат дека може да се смени ритамот на земање лекови против главоболки. Односно кога ќе се земаат лековите, да се земе во предвид и 24часовниот биоритам на организмот.
Студијата била ограничена со фактот што истражувачите немале информации за факторите кои би можеле да влијаат на 24-часовниот циклус, како што се лекови, други нарушувања како биполарно растројство или проблеми со деноноќниот ритам, како што е работата во ноќна смена.