Внимателно со солта и лимонот при маринирање месо
Наједноставен начин да го збогатите вкусот на вашата храна без многу напор е да приготвите добра маринада, ако приготвувате месо, односно прелив ако сте решиле да приготвите салата.
Маринади
Тие се незаменливи ако сакате да им дадете незаборавен вкус на месото или рибата, а воедно помагаат и да омекнат продуктите, што ќе го скрати времето за готвење. Ако само обичното зачинување со сол и црн пипер го прави јадењето повкусно, помислете што може да направи добра маринада во која сте користеле свежи зачински билки, чили пиперчиња и суви зачини.
Кога приготвувате маринада, најважно е да не додавате сол, бидејќи таа ги извлекува соковите од месото и со тоа наместо да го омекне ќе го направи потврдо. Лимоновиот сок или сокот од лимета исто така треба да ги користите внимателно, бидејќи тие буквално „го варат“ месото или рибата. Затоа подобро е да посипете свеж лимонов сок врз веќе приготвеното јадење од месо или риба, токму пред да го послужите.
Секогаш приготвувајте свежа маринада, наместо да користите веќе еднаш искористена која веќе била во допир со свежо месо или риба, бидејќи така се огромни шансите да ја затруете храната. Ладно цеденото екстра девствено маслиново масло слободно избегнете го, бидејќи не прави разлика кога храната ќе е зготвена. Било кое масло без вкус (тука се мисли на масла со зачински билки во нив) е добро за маринирање, бидејќи има улога на сврзна состојка во маринадата и ги поврзува сите други вкусови.
СОВЕТ ПЛУС – за наједноставни маринади кои ќе му дадат убав вкус на месото и рибата, грубо исечкајте една рака мешани зачински билки, згмечете 3-4 чешниња лук (не мора да ги лупите) и додајте една лажичка црн пипер во зрно и добра количина маслиново масло. Состојките оставете ги да се маринираат неколку часа.
Запомнете – наједноставните и најефективни маринади се оние кои се направени со многу свежи зачински билки како: мајчина душичка, рузмарин, жалфија и лаворов лист се одличен избор за месо, додека зачинските билки со помалку интензивен вкус, како магдонос, анасон, добро се комбинираат со риба. За ориентално зачинета маринада, додадете свежо исечкан ѓумбир измешан со некоја зачинска билка, чешне лук и рендана кора од лимета. Обилно додајте масло и оставете да се маринира месото или рибата неколку часа пред готвење.
Преливи
Додека маринадите се направени за да се даде вкус на јадењето пред готвење, преливите се совршени за подобрување на вкусот на веќе приготвено јадење, свеж зеленчук или салати. Златно правило е да не се претерува со додавање многу прелив во храната, бидејќи салатата ќе стане мека и непријатна за јадење, а воедно ги зголемува калориите.
СОВЕТ ПЛУС – чинија салата без прелив е без вкус. Доволно е да додадете малку прелив и ќе забележите како станува повкусна. Иако маслиновото масло има најдобра репутација за готвење салати, сепак дајте им прилика и на другите масла кои се подеднакво здрави, како на пример масло од лен, од семки од тиква и сл. Ако купувате маслиново масло само за преливи тогаш изберете го најквалитетното, ладно цедено, бидејќи во него се задржани здравите состојки. Маслата од јаткасти плодови, ако успеете да ги најдете, се исто така добри за салати. Кремастиот прелив кој содржи мајонез, има многу калории затоа заменете го со ниско-калоричен јогурт. За екстра вкус додајте малку таан, свежи зачини, чили сос и малку ситно сечкан лук.
Преливот на база на оризов оцет е совршен бидејќи нема калории, маснотии и холестерол, па ако го најдете во подобро снабдените маркети, задолжително купете го – одличен е за инстантно зачинување салати.