Високо квалитетната грижа за децата е најважна
Кога ќе дојде време мајката да се врати на работа, најважното прашање е „Кому да се довери грижата за бебето?“. Изборот е баба сервис, дадилка или градинка, за што веќе пишувавме.
Според стручните лица која и да ја изберете опција најважно е дека децата имаат право да растат и да се развиваат во услови кои нудат сигурност и безбедност и овозможуваат задоволување на нивните развојни потреби. При тоа треба секогаш да имате на ум дека изборот на начин за чување се прави во согласност со личноста, темпераметнтот и возраста на детето од една страна и вашите очекувања од друга страна.
– Не постои единствен став кога треба да се реши кому да се довери чувањето и грижата околу децата. Секој од начините има свои предности и недостатоци. Не постои најдобар избор, туку постои квалитет на изборот. Односно било кој начин да се одбере треба да овозможи оптимални постигнувања во сите домени на развојот, додека грижа со низок квалитет е онаа при која резултатите се негативни по детето.
Во градинките децата се социјализираат во група на врсници, имаат различни активности преку кои ги развиваат вештините и стекнуваат нови знаења. Најзначаен фактор кој делува на квалитетот во градинката е едукацијата, квалификациите и постојаноста во структурата на персоналот. Позитивни резултати се бележат во подобар говорен и когнитивен развој, подобра соработка и помалку проблеми во однесувањето кај децата. Многу често како алтернатива во чувањето се бираат бабите/дедовците како лесно достапни, добро познати, кои бесплатно се грижат за своите внуци и им пружаат безбедна грижа и љубов.
При тоа треба да се земе во предвид генерацискиот јаз, различните родителски стилови, предрасуди околу воспитувањето, можна попустливост, не поставување на здрави граници, дневна рутина и дисциплина. Има релативно малку докази во однос на разлики во квалитетот меѓу градинките и одгледувањето во домашни услови, додека биле откриени некои негативни аспекти во однос на грижата од страна на бебиситерки. При изборот на истите важно е да се избере сигурна, безбедна и по можност квалификувана личност. Според одредени истражувања за сите деца на предшколска возраст, градинка во комбинација со чување од страна на баба/дедо дава подобри развојни резултати од било која друга комбинација.
Во секој случај важно е личноста која ќе се грижи за детето да е совесна и одговорна, а уште подобро ако има и одредени професионални компетенци за воспитувањето на детето – вели Ангелина Илиевска, специјалист психијатар и психотерапевт.