Бременост по хируршко отстранување на јајчници
Јајчниците се парни женски полови жлезди и важен сегмент од репродуктивниот систем на жената бидејќи ослободуваат јајце клетки кои ја овозможуваат репродукцијата. Покрај созревањето на женските полови клетки, тие се задолжени и за производство на хормони – естроген и прогестерон, под чие постојано влијаније е организмот на жената.
Хируршкото отстранување на еден или двата јајчници се нарекува оофоректомија и може да се изведе поединечно или заедно со хистеректомија (отстранување на матката).
Во кои случаи се изведува
Јајчниците се отстрануваат кај пациентки со воспаление на јајчниците, ендометриоза, цисти, бенигни и малигни тумори на јајчниците. Во одредени случаи интервенцијата се изведува превентивно бидејќи по отстранување на јајчниците се намалува можноста за развој на идни заболувања. Интервенцијата се врши преку класичен рез или со помош на лапароскопија. Околу 10 од 100 жени кои ја отстраниле матката имаат потреба и од отстранување на јајчниците. По операцијата жените кои ги отстраниле двата јајчници влегуваат во предвремена менопауза. Кај овие пациентки треба да се направи добра процека пред одлука за евентуално вклучување на хормон-заместителна терапија за лекување и ублажување на симптомите на предвремена менопауза.
Ризик фактори
Ако вашата мајка или сестра имала карцином на јајчниците или ако некој во семејството има историја со вакви болести, консултирајте се навремено со вашиот гинеколог за потребата од планирање постапка за отстранување на јајчниците.
Кај пациентки со карцином на дојка, хормоните произведени од страна на јајчниците може да ја влошат основната болест. Со хируршка постапка на отстранување на јајчниците се елиминираат хормоните кои ги произведуваат јајчниците, со што се спречува понатамошен развој или повторување на болеста.
Можности за забременување
Жената може да функционира и да остане бремена само со еден јајчник, дури и само со дел од јајчникот. Ако по интервенцијата сакате да остварите потомство, разговарајте со вашиот гинеколог за вашите репродуктивни можности.
Гинеколозите советуваат дека не треба да се грижите и во случаите кога и двата јајчника се отстранети. Доколку матката е здрава и функционална, можете да забремените со помош на асистирана репродукција.
Кај пациентки кај кои е индицирано отстранување на јајчниците, во зависност од природата на болеста, се препорачува презервација на јајнично ткиво или спроведување на донорска програма, поради што ваквите интервеции секогаш се планираат во консултација со гинеколог од областа на репродуктивната медицина.