Бебињата не се кршливи, но некои симптоми предизвикуваат вистинска паника кај родителите
Тукушто го запознавте вашето новороденче, а вие сте во паника: Да не го повредам? Зошто сега плаче? Како да се снајдам?
Според педијатрите ова се најчестите причини кои ги загрижуваат родителите, и советуваат кога и што треба да превземете.
Обична настинка не секогаш е обична и треба да се занемари. Најголемиот број од нив не се за загрижување, но кај бебиња помали од 6 месеци настинките многу лесно може да преминат во бронхиолитис, кашлица како лаење или воспаление на белите дробови. Затоа доколку бебето е вознемирено, има температура, кашла, без апетит е или има отежнато или забрзано дишење, настинката можеби се развила во нешто посериозно. Повикајте педијатар.
Свирење во градите – Сé што свири во градите не е астма! Кај доенчиња, свирењето во градите придружено со забрзано дишење е многу почесто симптом на бронхиолитис, инфекција која доведува до воспаление на малите дишни патишта во белодробието. Најчесто станува збор за вирусна инфекција, а ако значително е отежнато дишењето на бебето, доаѓа до појава на цијаноза со помодрување околу устата и на врвовите од прстите при што неопходно е болничко лекување.
Воспаление на средно уво е состојба која во просек се јавува еднаш кај две третини од децата до 2-годишна возраст. Ако не се лекува може да доведе до губиток или намалување на слухот. Затоа посетете го вашиот оториноларинголог.
Висока температура ги истоштува децата и вознемирува родителите. Не избрзувајте со давање лекови кога се јавува покачена температура. Поголемо внимание треба да се обрне кога станува збор за новороденче со покачена температура со оглед на неразвиениот имун систем кај нив и огромната склоност кон инфекции. Ако температурата кај нив е повисока од 38 степени, се наметнува потреба од лекарски надзор. Кај доенчињата и малите деца температура повисока од 38. 5 С која трае повеќе од два -три дена е исто така причина за посета кај педијатар.
Повраќање – најчестата причина е вирусна цревна инфекција. Но, повраќањето може да биде симптом и на посериозни заболувања како што се пневмонија, менингитис или воспаление на слепото црево. Знаците за тревога се: повраќање придружено со главоболка, или повраќање кое трае повеќе од 24 часа, како и стомачна болка или појава на крв во повратената маса.
Дехидратација се одликува со сува кожа и слузници, испукани усни, вознемиреност и истоштеност. Во таков случај на децата треба да им се дадат раствори за рехидратација, кои содржат избалансирани количества сол, шеќер и минерали. Дехидратацијата е опасна состојба, поради тоа што кога е силно изразена може да доведе до нарушена работа на бубрезите, шок, па дури и смрт: тешките случаи треба да се хоспитализираат за интравенозно рехидрирање.
Дијареа е најчест симптом при вирусна цревна инфекција во детска возраст. Обично престанува сам од себе за неколку дена. Доколку е поизразен или, пак, придружен со повраќање, фебрилност може да доведе до дехидратација. Во тие случаеви покрај пробиотици неопходно е и рехидрирање на детскиот организам. Во случаи кога проливот трае повеќе од два -три дена, и/или доколку се јават голем број столици, јавете се кај педијатар.
Дерматитис – често присутен во доенечкиот период, особено во т. н „предел на пелените“. Причината е постојан контакт со отпадните екскрети (урина и измет) , како и самиот материјал од кој се направени пелените. Се појавува црвенило на кожата, а ако не се спроведе соодветен третман доаѓа до појава на ерозии на кожата кои печат и болат, кожата е подложна на секундарни инфекции од габички или бактерии. Можна е појава на гнојна инфекција која се карактеризира со мозолчиња кои се црвени и чешаат, создаваат красти и се чести кај деца до две години. Општо земено, осипите кај децата се ретко опасни, освен ако не се работи за алергија или осип придружен со висока температура и тогаш тие се причина за посета кај педијатар.
Стомачни грчеви – обично се јавуваат во ист временски период во текот на денот. Бебето интензивно плаче и не се смирува со давање млеко. Вообичаено има гасови и по нивно испуштање доаѓа до смирување на болката.