Пашканат – користете ги коренот и листовите
Пашканатот е далечен роднина на морковот, целерот и магдоносот и е коренест зеленчук кој успева во предели со ладна клима. Богат е со белковини, јаглехидрати, целулоза, натрум и други микроелементи. А има нула процнети масти и холестерол, што го прави совршен за нискокалорични јадења. Најмногу го има од септември до март, а при купување барајте ситни или средни корења, затоа што крупните се повеќе фиброзни. На допир коренот треба да биде цврст, без кафеави дамки или набори. Во фрижидер се чува немиен и завиткан во хартија, на темно и суво место, без директен допир од сончева светлина.
Упореба на коренот
Младиот и ситен пашканат не треба да се лупи, туку само добро се мие и брише, па се употребува. Додека стариот пашканат мора да се излупи па да се користи. Ако средината е тврда таа треба да се отстрани. Освен свеж може да се користи и сушен пашканат, или пак мелен. Тој им дава посебна арома на јадењата со или без месо, со компири и друго. Од него се прави и пире кое може да се комбинира со други зеленчуци. Ако го исечкате на тенки листови можете да го пржите и да добиете вкусен чипс. Пашканатот добро се согласува со лук, магдонос, кромид и мајчина душица. Се додава во јадењата пред готвење и неговата консумација нема никакви несакани индикации. Коренот од пашканат одамна е познат во народната медицина по своето антиревматско и антитоксично дејство. Го отвора апетитот, ја регулира работата на желудникот и цревата и помага при констипација. Се користи при лекување на камен во бубрег, болки во грбот, грчеви. Тој е добро профилактичко средство при проблеми со кардиоваскуларниот систем, го намалува крвниот притисок и го зајакнува имунитетот.
Листовите се корисни
Освен од коренот, голема корист има и од листовите на пашканат, за што многу малку се знае. Младите листови од пашканат се добри за консумација, но ретко кој ги сака поради специфичниот пикантен вкус што доаѓа од високиот процент на етерични масла. Затоа во свежа состојба ретко кој ги сака, а варени имаат попријатен вкус. Можат да се додадат во салати, супи, гарнири и друго. Ако ги испржите на масло со кромид и лук и им додадете јајца ќе добиете вкусен омлет. Додајте ги во сосови, фил за солени палачинки,бујони, јадења со месо, риба и т.н. Собраните млади листови можете да ги замрзнете и по потреба да ги користите. Тие се собираат кога растението цвета и можат да се исушат, па такви да се користат како додаток во разни јадења. Малкумина знаат дека од листовите може да се приготви чај (2 лажици сушени листови се попаруваат со чаша врела вода) кој лекува бронхит. Ако ги искомбинирате со цвет од липа и мед ќе добиете здрава напивка која делува пријатно на нервниот систем и смирува.