• Маркетинг
  • Форум
  • За нас
Родители и деца Родители и деца

Актуелно

Шакира ќе плати казна од 7,5 милиони евра за да

Деформитетите на рбетниот столб кај децата можат да се спречат

Како правилно се полнат тестенините

Едноставно романтично-модната креаторка Вера Вонг советува како да го изберете

10 ГОДИНИ „ХЕЛЕН ДОРОН“ ВО МАКЕДОНИЈА – почна уписот во

Тиквички – незаменливи се во салати, готвени јадења или десерти

Здрави навики кои ќе ве одржат млади засекогаш

Ако се мачите со алергии, еве кои миленичиња се соодветни

Патувањето со деца на одмор може да биде забавно

Дали вашата влезна врата треба да биде посветла или потемна

Родители и деца Родители и деца
  • Почетна
  • РИД
  • ДЕЦА
  • Сакам бебе
    • Бременост
    • Забременување
  • Љубов
  • Убавина
  • Дом
  • Кујна
  • Живот
  • Забава
  • Шопинг
    • За Родители
    • За Деца
      • Школо
      • Облека
      • Играчки
      • Забава
    • За Бебиња
      • Облека
      • Играчки
      • Опрема
    • За Дома
Живот

Недела на женското здравје – сексуалното и репродуктивното здравје во нашата држава сè уште се табу тема

by РиД 10/05/2022 0 Comment
 Недела на женското здравје – сексуалното и репродуктивното здравје во нашата држава сè уште се табу тема
фото: pexels

Оваа недела во организација на Македонското здружение на гинеколози и опстетричари-МАГО иницирана од соработката со светската невладина организација Amaze, се одбележува “Недела на женското здравје” .

Целта и потребата од одбележување на оваа значајна недела е да се срушат стигмите и бариерите што девојчињата и жените ги имаат за своето репродуктивно и сексуално здравје, да се подигне свеста за значењето на редовните гинеколошки прегледи во превенцијата на петте главни типови на гинеколошки карциноми, да се истакне значењето од континуираната едукација како и да се обезбеди поактивно учество на мажите во сексуалното и репродуктивно здравје.

По повод  оваа  кампања и настанот кој ќе се одржи утре – среда 11 мај во МКЦ од 11 – 12 часот, поразговарвме со проф. д-р Глигор Тофоски, специјалист гинеколог-акушер од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

1. Која е најраната возраст кога треба да се почне со едукација за заштита на женското здравје?

– Децата обично учат побрзо од возрасните! Едукацијата на младите е создавање основа за долгорочни здравствени и развојни придобивни за поединецот, семејствата и заедниците. Разговорот за сексуалното и репродуктивното здравје треба да започне рано и да продолжи се додека детето расте.

Здравјето на една личност во една фаза од животот влијае на здравјето во другите фази, затоа на децата од предучилишна возраст, од 2-4 години, во зависност од нивното ниво на разбирање и интерес може да им ја раскажете приказната за нивното раѓање; децата од училишна возраст, од 5-12 години, треба да ги научиме на основите на пубертетот, односно да ги препознаат секундарните полови промени и да ги доживеат како нормални и здрави; додека пак тинејџерите треба да научат за побезбеден сексуален однос и контрацепција и треба да имаат основни информации за бременоста и сексуално преносливите болести.

2. Кај нас кога ќе се спомене тема „Женско здравје“, веднаш се асоцира дека тоа е грижа само на жените (девојките). Ќе се сложите дека без разлика дали се од машки или женски пол, сите треба подеднакво да се едуцираат на оваа тема?

– Се разбира! Колку е пообразован мажот, толку е поголема веројатноста неговата партнерка/жена да се грижи за своето тело пред и по бременоста. Истовремено, заемната едукација помага да се подобри родовата еднаквост, да се подобри информираноста и пристапот до висококвалитетни услуги, информираноста за контрацепција на младите, што пак овозможува да се спречат сексуално преносливите инфекции и да се избегне несаканата бременост, односно да се овозможи планирање на семејството и зголемување на можноста младите девојки да ја постигнат својата образовна и кариерна цел.

фото: pexels

 3. Колку денес во МК девојките се свесни за сите ризици по своето здравје, а воедно и за начините како да се заштитат и сочуваат своето здравје?

– За жал, многу факти нè наведуваат да се запрашаме дали сексуалното и репродуктивното здравје во нашата држава сè уште е табу тема. Во тек на имплементација на проектот “Безбедни и иновативни услуги за време на Ковид-19”, најмал одзив за услугите кои им се достапни со мобилните гинеколошки амбуланти, имаме токму од адолесцентите од 15 до 24 години како и од младите сексуално активни жени до 30 години.

Загрижувачки се и фактите дека вакцината против ХПВ (хуман папилома вирус) инфекцијата бележи најнизок опфат од сите вакцини опфатени во Календарот за вакцинација на Република Северна Македонија, и дека дури 35% од средношколците не знаат дека еден од начините да се спречи ХПВ вирусната инфекција е вакцината. Податоците од нашите анкети говорат и дека дури 40% од учениците не сметаат дека луѓето кои почнуваат со својот активен сексуален живот на помлада возраст, имаат поголема веројатност да се заразат од СПИ(сексуално преносливи инфекции н.з), истовремено, дури 20% од учениците сметаат дека кондомот може да помогне само во спречување на бременост, но не и во спречување на која било СПИ, а истотолкав е и процентот на учениците кои сметаат дека контрацептивните таблети може да ја заштитат девојката од СПИ.

Затоа, неопходно е да се апелира на редовна примена на контрацептиви, редовни гинеколошки прегледи и скрининг за СПИ, особено по секој незаштитен сексуален однос, и навремен третман на СПИ и останатите репродуктивни здравствени состојби.

4. Едно време во училиштата имаше обид да се внесе предмет сексуална едукација, но не помина баш најдобро. Голем дел од родителите реагираа негативно, во смисла дека прерано е за децата да знаат за „тие работи“. Според вас, дали е време конечно да се воведе ваков предмет или со редовни едукативни работилници да се едуцираат младите на оваа тема.

– Училиштето е клучно за развој и информирање на младите, а со тоа и вистинско место каде што тие треба да научат како да се грижат за своето здравје. Прашањето кое си го поставивме е колку современото образование е во функција на грижа и унапредување на здравјето на адолесцентите, односно го поттикнува здравиот начин наживот. Но, за жал, нашиот образовен систем се соочува со голем број предизвици при имплементирањето на современото образование, а со тоа и на предмет за сексуална едукација.

Со таа цел тргнавме во реализација на иницијатива преку едукативни работилници организирани низ средите училишта во нашата држава, водени од доктори, специјалисти по гинекологија и акушерство и преку делење на соодветен промотивен материјал – флаер/леток достапен на веб страната на МАГО (https://agom.org.mk), да ја зголемиме свеста за намалување на ризикот од ракот на грлото на матката преку редовни гинеколошки прегледи и промоција на ХПВ вакцина, да ја зголемиме свеста за превенција од сексуално преносливи инфекции и да овозможиме соодветни совети за репродуктивното здравје и безбедно планирање на семејство. Истовремено, преку успешната соработка со amaze.org, користејќи ја моќта на дигиталните медиуми ќе им се обезбеди на младите адолесценти во нашата држава директен онлајн пристап – без разлика каде живеат или кое училиште го посетуваат, до привлечни, едукативни, медицински прецизни, соодветни за возраста, често и хумористични кратки видеа.

5. Тука би се надоврзала со уште едно прашање – колку кај нас родителите се подготвени да зборуваат отворено на тема женско здравје со своите ќерки?

– Сметам дека во минатото родителите почесто ги избегнувале ваквите деликатни разговори, но времињата се менуваат и денес сè повеќе родители сфаќаат дека овие разговори се од суштинска важност за развивање на нивните деца во една комплетна возрасна личност. Зборувањето за сексуалното здравје бара доверба и може да биде тешко да се разговара. Дури и кога на детето му е крајно непријатно или ги замолува родителите да престанат да зборуваат, родителите не треба да се грижат. Битно е да се понудат себеси како ресурс, и да ги потсетат дека секогаш се наоколу за разговор, бидејќи отворениот ум и чистото срце се почеток во градењето на довербата.

6. Под женско здравје, секако спаѓа и грижа во тек на бременоста. Но, сведоци сме дека во некои рурални средини, жените немаат можност за редовна грижа во овој период, најчесто нема лекар, или не се запознаени со сите предности на редовните контроли и тн. Како според вас може да се надмине овој проблем?

– Можеби работата на мобилните гинеколошки амбуланти е чекор напред кон зголемување на достапноста на здравствените услуги за репродуктивно и сексуално здравје до сите ранливи категории на жени и девојчиња или жени и девојчиња кои живеат во тешко достапни области, области каде што нема матичен гинеколог. Двете мобилни гинеколошки амбуланти се соодветно опремени со ултра-звучни апарати, опрема и соодветен медицински материјал и во моментов се примарно фокусирани преку бесплатен гинеколошки преглед и ПАП тест значајно да придонесат за рано откривање на карциномот на грлото на матката. Но, истите, истовремено се подготвени и овозможуваат соодветно советување за планирање на бременост и безбедно мајчинство. Така да, ги повикуваме сите трудници да ги искористат услугите кои им се достапни во рамките на мобилните гинеколошки амбуланти.

7. Пред неколку години беше воведена вакцината за ХПВ која беше предложено да ја примаат девојчиња најрано од 12 години. Но, не наиде баш на позитивен прием кај родителите. Особено најчесто како изговор се слушаше – „зошто не е препорачана и за машките кога и тие се преносители на болеста“. Кој е вашиот став во врска со ваквите тврдења и дали имате информации каква е сега ситуацијата со заинтересираност за вакцинирање?

–  Многу често кога се воведуваат новини во здравството (вклучувајќи ги тука и новите вакцини) соодветните здравствени информации недостасуваат или не се соодветно пренесени во медиумите и не се адекватно разбрани од населението. Мора да разбереме дека вакцината драстично ја намалува можноста да се заразите со ХПВ (преку 70%), но сепак основата е дека треба да се научат младите да се штитат од сексуално преносливи инфекции со употреба на кондом и правилно сексуално однесување и одбирање на еден партнер.

Во однос на познавањата на родителите, забележано е дека владее недоволна информираност, односно дури 40 % од родителите не знаат кој е најчест причинител за ракот на грлото на матката, односно владее несериозно гледиште за ХПВ вирусните инфекции. Дури 30% од родителите не ги познаваат начините на кој ХПВ вирусната инфекција може да се пренесе, а голем дел од нив не знаат и дека ХПВ вирусната инфекција може да предизвика и сериозни последици врз репродуктивното и сексуалното здравје на нивните машки деца. Да не зборуваме и за огромна недовербата во квалитетот на вакцината.

Сметам дека треба да се развие нова стратегија за ХПВ вакцината во Република Северна Македонија, односно и момчињата рутински да се вакцинираат против ХПВ, но истовремено и да се направи интензивно истакнување на многуте начини на кои вакцината ни овозможува да живееме здрав и продуктивен живот, треба да се прикажат и социјални докази кои пошироката јавност веќе ги цени и им верува (глобалните проценки се дека со вакцинацијата може во иднина да се доведе до огромно намалување на инциденцата на ракот на грлото на матката, а можеби и до негово ерадицирање. Затоа треба да се искористат сите ресурси (Министерството за здравство, матични гинеколози, матични лекари, невладиниот сектор, медиумите и др…) и да се направи опсежна кампања и дискусија за важноста и безбедноста, митовите и фактите за вакцината.

  • 0
    Facebook
  • 0
    Facebook-messenger
  • 0
    Email
Post Views: 1,035

Share This:

  • 0
    Facebook
  • 0
    Facebook-messenger
  • 0
    Email
Tags: вакцина женско здравје сексуална едукација СПИ ХПВ
Previous post
Next post

РиД

administrator

Последни објави

Шакира ќе плати казна од 7,5 милиони евра за да не оди во затвор

13:46 20 Nov 2023

Деформитетите на рбетниот столб кај децата можат да се спречат со редовна физичка активност

12:47 20 Nov 2023

Како правилно се полнат тестенините

12:35 20 Nov 2023

Едноставно романтично-модната креаторка Вера Вонг советува како да го изберете вистинскиот парфем

12:17 20 Nov 2023

10 ГОДИНИ „ХЕЛЕН ДОРОН“ ВО МАКЕДОНИЈА – почна уписот во 17 училишта лидери во неформалното образование

22:36 05 Sep 2023

Родители и деца Родители и деца

Родители и деца е првиот македонски семеен портал наменет за сите родители и оние кои сакаат да станат родители.

[email protected]
[email protected]

Пребарувај по категории

Categories
Љубов Без категорија Бременост Деца Дом Живот За Деца Забава Забава Забременување Кујна РИД Сакам бебе Статии Убавина Школо Шопинг

Корисни линкови

За нас
Маркетинг
Импресум
Контакт
Форум Архива

Последни објави

Бременост

Што се случува со

Деца

Што се мери со

Дом

Што се афлатоксини?

Copyright 2025. All Right Reserved