Кога ќе полудат хормоните
Понекогаш се чини дека еден ден во животот на секоја жена е еднаков на невозможна мисија. Обврски на работа, дома, рекреација, дружење, предизвици на родителството, кои жените успеваат маестрално да ги ускладат. И сето тоа успева само благодарение на неа, но кога не води битка сама со себе.
Но, во деновите клучни за акција, наеднаш ѝ снемува енергија и концентрација. Се јавува неконтролирана глад, потреба по слатки и продукти за кои на своите деца им раскажува колку се штетни- и маѓепсаниот круг се отвора.
Ѝ треба повеќе сон, одмор, мир и помош, бидејќи е успорена и не личи на себе. Потребна ѝ е помош, добар совет како најбезболно да го преброди овој период и да се врати во форма.
Отоци и главоболки
За предменструалниот синдром (ПМС) кој кај повеќето жени трае до десеттина дена, до почетокот на менструацијата се поврзуваат околу 150 симптоми, меѓу кои најчести се незадоволство со своето тело, безволност, промени на располжение, отоци во пределот на рацете и нозете, грчеви во стомакот, како и неиздржлива потреба за слатко и брза храна. Главен виновник за овие тегоби е прогестеронот. Високите вредности на овој хромон, во периодот од 14-21 ден од циклусот, доведуваат до компулсивно прејадување бидејќи нивото на естрогенот, хормонот кој го намалува апетитот, во ПМС фазата е ниско.
Нивото на естрогенот кулминира во 14от ден од циклусот, кога жената се чувствува најпривлечно, има најголема сексуална желба и може сè, барем така мисли. Но, по овулацијата приматот го зема прогестеронот кој царува до 21од ден во месецот. Покрај сите спомнати тегоби кои ги предизвикува, од кои засилениот апетит кај повеќето жени е примарен, делува и како седатив, па од тука е чувството на поспаност, неактивност, недостиг на сон. Од 21 до 28от ден жената се чувствува лабилно, расположението постојано ѝ се менува бидејќи тогаш расте нивото на тестостерон, машки хормон.
Зголеменото внесување на храна по правило следи со низа дигестивни промени како што се надуеност, лошо варење, гасови, болки во горниот дел од стомакот, затвор… но тоа не е крајот. Кога на сето ова ќе се надоврзат неподносливата главоболка и отоци по целото тело, во вода паѓаат сите напори да се одржи убавината на телото и духот.
Задржувањето на течност е класичен ПМС симптом, отекувањето почнува и до две недели пред циклусот и се претпоставува дека го предизвикуваат промените во вредностите на половите хормони.
Претераното внесување сол или недостиг на некои витамини може да го зголеми проблемот, па затоа на жените им се советува да побараат помош од лекар. Тој, ако е потребно ќе препорача одредени суплементи во оваа фаза. Воедно на жените им се советува да внесуваат повеќе течности и да се занимаваат со физичка активност, за да се поттикне процесот на елиминација на течности од бубрезите. Симптоми има многу и варираат од жена до жена, но сепак најизразени се кај младите жени во репродуктивен период.
Ублажете ги симптомите
Колку и да е физиолошки оправдана потребата за храна, треба да се контролира. Големата потреба од слатки кај повеќето жени се појавува по неколку дена пред почетокот на циклусот и ја снемува со првите денови од циклусот. А основен чекор за решавање на овој проблем е препознавање на постоењето на претерана неиздржлива потреба за слатко. Потоа доаѓа свесното избегнување на нездрава храна и замена со здрави продукти.
Треба да се бираат продукти кои ќе ги подмират потребите за калории, воедно и ќе доведат со намалување на предменструалните тегоби, пред сè на апетитот. Така на пример кога ви се јаде слатко можете да земете штангличка црно чоколадо кое содржи минимум 70% какао и само малку шеќер. Исто така треба да го зголемите внесувањето на свежо овошје и зеленчук, а особено на сокови од свежо цедено овошје и нане, кое ги ублажува грчевите во стомакот. Не заборавајте дека стресот и недостигот на сон исто така доведуваат до претерана потреба за храна, особено во ПМС периодот. Когнитивно-бихевиоралната терапија може да помогне во учењето нови техники за намалување на предменструалните психички тегоби. Исто така, физичките вежби се задолжителни бидејќи го намалуваат стресот и помагаат во лачење на ендорфинот кој влијае на расположението.
Од помош може да биде и купка со неколку капки етерично масло од јасмин, гераниум или масло од камилица. Промената на хормоните доведува до чувство на затегнатост и болки во градите. Симптомите можат да се олеснат со продукти богати со витамин Б6, како грав, интегрални житарки, рибино масло, банани и пилешко. Во дневното мени треба да додадете барем една порција богата со овој витамин. Претераното менструално крварење не е само непријатно, туку може да биде знак за анемија. Ако се повторува од циклус до циклус, треба да посетите гинеколог. Прва помош можат да бидат и билки како ајдучка трева, коприва и сл. При тоа треба да земате повеќе фолна киселина и железо, а и да научите релаксациони техники, бидејќи стресот може да го засили крварењето. Исфрлете го млекото од исхраната, бидејќи прогестеронот од кравјото млеко лошо влијае на акните, а калциумот надохнадете го од други продукти.
Хормоните исто така се заслужни за менструални болки кои се поврзуваат со естрогенот, односно неговото нагло паѓање. За да го одржите нивото на естрогенот стабилно внесувајте храна која содржи растителен естроген како соја, грав, грашок, леќа и ленено семе. Хроничниот замор во овие денови ќе го намалите со јадење храна богата со железо – спанаќ, јајца, грав, интегрални житарки и продукти со низок гликемиски индекс, кои ќе го држат под контрола нивото на шеќер во крвта. Од друга страна треба да избегнувате продукти со шеќер како и кофеин, кои по наглото подигнување на енергијата ќе доведат до уште поголем замор.