Како резултат на детската фантазија, потребата за игра и контрола над неа во раниот предучилишен и училишен период, замислените пријатели се мошне честа појава. Овој феномен не е страшен за детето, иако ги застрашува родителите, бидејќи помислуваат дека нешто лошо се случува.

Ситуацијата станува алармантна кога го попречува секојдневното функционирање, дружбата со децата или се опишува дека замислениот пријател е лош и го тера детето да се однесува лошо.
Замислениот пријател најчесто се јавува околу 3-4 годишна возраст кога детето ја развива фантазијата, гледа и разбира цртани, слуша бајки, приказни, и со егоцентричниот говор зборува со себе и со играчките. Феноменот на замислен пријател не е болест и не се третира како таква. Се јавува мошне ретко.

Едни научници предупредуваат дека се јавува кај оние деца кои имаат потешкотии во социјалното опкружување, немаат другарчиња и не се прифатени од нив или доживеале силни стресови и трауми. Други научници тврдат дека напротив овој феномен се јавува кај оние дека кои се високо когнитивно и емоционално интелигентни, имаат добри вербални способности, силна фатазија, имаат многу другарчиња, креативни се, кооперативни, независни и среќни. Според нив овие деца воопшто не се изолирани, осамени и несреќни. Интересен е податокот дека замислениот пријател почесто се јавува кај прворедените деца и единците. Во предучилишниот период почесто кај девојчињата, а во училишниот подеднакво кај двата пола. Децата знаат дека тие не постојат и дека се измислени ликови. Но со нив зборуваат, им се доверуваат, играат, се караат и се смируваат.

Дали е алармантно или не, е дискутабилно. Што треба да прават родителите? Како да му пристапат на детето? Дали да ја ингнорираат оваа појава или да им се придружат?

Како магистер по развојна психологија и советник -психотерапевт на родителите би им препорачала да го набљудуваат детето. Да откријат кога комуницира со замислиниот пријател? Дали постои некоја ситуација која го мотивира токму тогаш со него да другарува? Што прават, што зборуваат, што си играат,...? Дали е тој добар или лош лик?

Најчесто се добри ликови кои се од истиот пол и се со приближна возраст. Некои родители можеби би помислиле дека е добро сите заедно со “замислениот пријател” да си играат но, напротив така уште повеќе создаваат забуна со реалноста и фантазијата. Едноставно што можат да направат е да набљудуваат, да не учествуваат во нивната игра, ако има нешто лошо и животно загрозувачко да интервенираат или да се обратат на стручно лице.  Искуствата и истражувањата покажуваат дека “замислените пријатели” имаат функција зошто се јавуваат во детскиот свет. Исто така како што неосетно доаѓаат, така и неосетно си заминуваат.

Мр психолог/сов.психотерапевт

Розалија Секулоска

Центар за личен и организациски развој “Трет Родител”

www.tretroditel.com

Најново на форумот

  • No posts to display.