Бременост и здравјето на забите
Многу често слушаме изјави од жени дека забите во бременоста им пропаднале и дека поради силно воспаление на непцата, забите им се расклатиле. Бременоста и пропаѓањето на забите се доведуваат во врска одамна, но, колку нивната врска е навистина оправдана?
Дали во бременоста се менува квалитетот на забите?
Не, квалитетот на забите останува непроменет…она кое се менува во бременоста е киселата средина во устата, поради честото повраќање во првите месеци од бременоста, што доведува до развој на кариес и поради интензивното дејство на хормоните, се јавува гравиден гингивитис (воспаление на непцата).
Гравидниот гингивитис воедно е еден од првите знаци на бременоста, непцата се отечени , црвени и крварат на допир со четкичката, дури и храната. Отечените непца маскираат поголема површина од забите, потешко може да се чистат, храната се задржува во џебовите околу забите, брзо се формираат наслаги кои доведуваат до парадонтопатија, кариес и клатење на забите.
Можат ли да се избегнат вакви тегоби?
Правилото на кое во тек на едукацијта на трудниците се инситира, е редовно и правилно одржување на хигиената на устата и забите. Меѓутоа, исплашени од крварењето од непцата, многу трудници обично престануваат со редовното миење на забите, што е прва и основна грешка. А токму со честото миење на забите се доведува до тоа да непцата зацврстат, да се ублажи крварењето и да се избегнат промените кои се случуваат во устата во текот на бременоста.
Дали стоматолошките интервенции во бременоста се опасни за плодот?
Најдобро е да се отиде кај стоматолог уште пред бременоста, додека таа се планира и да се санира се што треба, па бременоста да се дочека со здрави заби и подоцна само да се одржува хигиената. Што се однесува до интервенцијата во самата бременост, се треба да се избегнува во првите три месеци, бидејќи во тој период плаценталниот крвоток е најпропустлив, така што одредени медикаменти за лечење на забите можат да делуваат дури и токсично на плодот. Подоцна можно е да се направат многу интервенции, но секогаш со согласност од гинекологот кој ја води бременоста, особено ако за некоја од нив е потребна локална анестезија. Во принцип, давањето анестезија треба да се избегнува, бидејќи локалните анестетици содржат окситоцин, хормон кој предизвикува контракции на мазната мускулатура, каква што е во матката, па може да доведе до предвремено породување. Она кое не смее да се прави во бременоста е рентгенско снимање на забите.