Појавувањето на симптомите кои укажуваат на бременост варира кај различни жени. Некои ги чувствуваат набрзо по зачнувањето, додека други жени ги чувсвтвуваат со недели подоцна.

А има и такви кои нема да почувствуваат никакви непријатни симптоми. Раните симптоми за бременост можат да се почувствуваат неколку дена по имплантација на плодот (8-10 дена од овулацијата) и да траат во текот на првиот триместар.

 

Фрустрирачки е тоа што често симптомите кои укажуваат на бременост се многу слични со оние кои се појавуваат пред циклус. Како и да е комбинацијата од покачена базална температура и изостанок на циклусот се клучните индикатори за успешно зачнување!

 

Гадење и повраќање

Овие симптоми се појавуваат многу рано во бременоста. Многу жени чувствуваат утрински мачнини, некои попладне или навечер, а некои пак страдаат од овие симптоми во тек на целиот ден. Нема објаснување зошто се појавуваат непријатните симптоми кај трудниците, ниту пак начин како да се спречат. Сепак јадењето често и мали порции, грицкањето солени крекери може да ги олесни. Јадењето протеинско-јаглехидратна храна навечер (пробајте едно јаболко и чаша млеко навечер) може да ги олесни гадењето и повраќањето наутро.

 

Зацврснати гради

Градите можат да бидат зацврстени, отечени, болни на допир и да почнат да се зголемуваат. Многу пати вените во градите стануваат повидливи. Брадавиците потемнуваат, се поиспакнати и чувствителни на допир. Овие симптоми се поради зголеменото ниво на HCG хормонот кој се јавува по имплантацијата.

 

Често уринирање

Бременоста предизвикува зголемување на утерусот поради растење на плодот. Тоа врши притисок на бешиката и е причина да имате зголемена потреба од уринирање. Многу жени почнуваат да го чувствуваат овој симптиом по една до две недели од зачнувањето.


Чувство на замор

Ова е сосема очекувано. Во бременоста телото минува низ големи хормонални промени. Нивото на HCG хормонот за неколку недели од 0 оди на 250,000 mlU/ml. Исто така телесната температура е зголемена поради поголема циркулација на прогестерон низ телото, што прави да се чувствувате малку мрзеливо.


Лесно крварење

Појавата на дамки крв може да се појави 8-10 дена по овулацијата. Тоа најчесто се случува во исто време кога природно е време за следен циклус. Некои жени претпоставуваат дека тоа е појава на нов менструален циклус, кога всушност забремениле. Дамките крв настануваат при имплантација на оплоденото јајце во ендометриумот од матката.


Вртоглавици или несвестици

Кога подолго време стоите во едно место можете да почувствувате лесна вртоглавица или пак некогаш несвестица. Растењето на матката притиска над главните артерии кои носат крв кон нозете и тоа предизвикува да се намали крвниот притисок, што доведува до вртоглавица. Прескокнувањето оброци или долгата пауза меѓу два оброка исто така може да ги зголеми овие два симптоми. Кога не јадете често тоа предизвикува паѓање на шеќерот во крвта, а тој е главен извор на храна за вашето бебе. Затоа мора да јадете почесто.


Констипација

Хормоните кои се лачат во бременост полека ја намалуваат функцијата на дебелото црево за да се обезбеди максимум апсорпција на витамини и нутриенти од храната. Поради тоа може да се појави овој непријатен симптом.


Иритабилност

Побеснетите хормони се главната причина за ова, заедно со мал придонес од сите други симптоми, претходно споменати. До второто тромесечие овој симптом треба да се намали, но до тогаш, здрава исхрана, вежби за трудници и многу сон, треба да ви помогнат.

 

Желудочни киселини (горушица)

Зголемената матка почнува да ги турка нагоре органите како што расте. Покаченото ниво на HSG хормонот исто така ја намалува дигестијата, што придонесува да се создаде непријатното чувство на зголемена желудочна киселина.

 

Непријатно – но вреди!

Кога вашето прекрасно бебе ќе пристигне, брзо ќе заборавите на сите непријатни симптоми кои ги чувствувавте во тие девет месеци.

Најново на форумот

  • No posts to display.